Данска и Холандија се двете земји кои се приклучија кон бугарското вето зa Македонија, тврди бугарскиот весник „24 часа“ пренесувајќи ги изјавите на дипломатски извор.
Изворот на весникот тврди дека постои големо неодобрување за преговарачката рамка за Албанија, дури и да нема спорни прашања за Македонија.
Откако Бугарија го блокираше почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, за време на состанокот на ниво на амбасадори во Брисел, прашањето повторно ќе биде отворено на состанок на 7 декември. За следниот ден е закажан Советот за општи работи, на кој повторно ќе се дискутира за процесот за преговори на Македонија.
Пред два дена Комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеи, побара од Македонија да вложи напори за изнаоѓање на решение со Бугарија. Во меѓувреме тече состанокот на мешовитата комисија за историски прашања, а македонската Влада продолжува со напорите да се договори со Софија и да овозможи почеток на преговорите со Унијата.