Кога сте подготвени едно прашање да го решите по секоја цена, тогаш цената е највисока, вели поранешниот претседател Ѓорге Иванов во врска со изјавите дадени на премиерот Зоран Заев во интервју за бугарската новинска агенција „БГНЕС“.
– Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена. Сега, речиси секој си зема за право да го негира она што е наше. И тоа, на повеќе нивоа и во повеќе наврати.
Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува – порачува поранешниот претседател во обраќање на социјалните мрежи.
Според него, невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите.
– Вчера македонскиот народ го виде правото лице на Заев. Овој самопрогласен искусен политичар вчера докажа дека сме сведоци на национално предавство. Длабоко сум убеден дека македонската нација (и оние што гласаа за него) ја согледаа предавничката улога на Заев и неговата клика – вели Иванов и додава дека во секоја демократска земја, во секоја земја членка на НАТО и ЕУ, за вакви изјави на премиер, паѓа владата.
Иванов на крајот порачува дека е уверен оти македонскиот народ ќе го сочува, ќе го негува и промовира вековниот идеал на непокорот.