Летово клубовите во петте врвни европски лиги веќе потрошиле 2,9 милијарди евра, што е трипати повеќе отколку во јануарскиот преоден рок, а ако се продолжи со исто темпо, во „опасност“ се ланските рекордни 3,2 милијарди евра во летниот преоден рок
Европските фудбалски клубови повторно се во трка по нови засилувања и по нови рекорди. Бројките велат дека летово клубовите во петте врвни европски лиги (Англија, Германија, Шпанија, Франција и Италија) веќе потрошиле 2,9 милијарди евра, што е трипати повеќе отколку во јануарскиот преоден рок, односно ако се продолжи со исто темпо, бидејќи најголемите трансфери допрва се очекуваат, во „опасност“ се ланските 3,2 „летни“ милијарди евра.
Што се случи досега? На врвот на ранг-листата е рекордниот трансфер за голман, на Бразилецот Алисон Бекер, за кого Ливерпул на Рома ѝ плати околу 75 милиони евра. Покрај ова, се случија уште неколку трансфери во вредност од 30 до 50 милиони евра, но барем засега (освен во најава) нема зделки како онаа лани со трансферите на Нејмар од Барселона во ПСЖ (220 милиони), па и на Килијан Мбапе од Монако во ПСЖ, за 180 милиони евра, прво како заем, што годинава се активира во комплетен трансфер, потоа на Осман Дембеле од Борусија Дортмунд во Барселона и на Фелипе Кутињо од Ливерпул во Барселона (двата со по околу 150 милиони).
Во продолжение ви претставуваме некои од најскапите, но и највредни фудбалски зделки направени летово.
1. Трансферот на Португалецот Кристијано Роналдо (33), кој по девет години го напушти Реал Мадрид и во следните неколку сезони ќе настапува за Јувентус, изнесуваше 100 милиони. За мотивите на Роналдо, како и за финансискиот ризик за Јувентус, околу тоа колку сево ова ќе биде исплатливо надолго и нашироко се дебатира, а мислењата се крајно спротивставени. Дали, кој, како и колку ќе добие или ќе загуби ќе покажат наредните сезони?
2. Алисон Бекер (25), голманот на бразилската репрезентација и до неодамна на Рома, треба да го реши најголемиот проблем на „црвените“ од Ливерпул, кои не жалеа пари за да го ангажираат. Алисон го сметаат, ако не за најдобар во моментов, тогаш за најперспективен на таа позиција во светот. Колку станаа ценети и барани голманите на пазарот говори и податокот дека лани за Едерсон, првакот на Англија, Манчестер сити на Бенфика ѝ плати 40 милиони евра. Доскорашниот светски рекорд кога станува збор за голмани беше оној на Џанлуиџи Буфон од „далечната“ 2001 година, кога Јувентус го ангажира од Парма за 53 милиони евра.
3. Ливерпул лани од германски Лајпциг го „пазареше“, а од годинава ќе го има на располагање Гвинеецот Наби Кеита од Гвинеја за 58 милиони.
4. За Французинот, Томас Лемар од Монако, беа заинтересирани повеќе врвни европски клубови. Но тој се реши за Атлетико Мадрид, кој за него плати 58,7 милиони.
5. Челси, благодарение на новиот менаџер Маурицио Сари, од Наполи го купи Бразилецот што има и италијански пасош Жоржињо (25) за 57 милиони. Тој има репутација на еден од најдобрите дефанзивни играчи во средниот ред во светот, веднаш по Тони Крос.
6. Манчестер јунајтед трансферот на Бразилецот Фред (25) од Шахтар го чинеше 46,7 милиони. Според менаџерот Жозе Мурињо, тој би требало уште повеќе да го засили средниот ред, со Пол Погба и со Немања Матиќ.
7. Ријад Марез конечно се смести во поголем клуб, во Манчестер сити, кој за него на Лестер му плати 67 милиони. Со оглед на големиот број квалитетни фудбалери на позициите во нападот на Сити, на кои игра Марез, овој трансфер се смета за луксузен.
8. Бразилецот Фабињо (24) го замени дресот на Монако со тој на Ливерпул за сума од 44,5 милиони. Тој не спаѓа во елитната категорија фудбалери, но може да игра на неколку позиции во одбраната, а имајќи ја предвид неговата младост, можно е да напредува во врвен играч.
9. Барселона се засили со младиот Бразилец од Гремио, Мело (21) и за него плати 40 милиони. Тој би требало да ја пополни празнината во средниот ред по заминувањето на Андрес Иниеста, претходно и на Чави.
10. Во категоријата по малку чудни трансфери спаѓа оној на францускиот центархалф Клемен Ленгле, за кого Барселона ѝ даде на Севилја 38 милиони.
11. Реал Мадрид не остана покусо, тргна по стапките на Барса, и од Фламенго за 45 милиони евра го ангажира крилото, 18-годишниот Виничиус Џуниор, кој е енигма за многумина.
12. „Кралевите“ направија уште една интересна зделка, за младиот десен бек на Реал Сосеидад, Алваро Одриозола (потрошија 40 милиони, иако веќе го имаат Дани Карвахал, кој е еден од најдобрите на таа позиција не само во Шпанија).
13. Јувентус купува напаѓачи, но и одбранбени играчи. Тоа е Жоао Кансело од Валенсија (40 милиони) како замена за Стефан Лихштајнер, кој замина во Арсенал како слободен играч.
14. Англиски Вест Хем под водство на новиот менаџер Мануел Пелегрини има поголеми амбиции, што се гледа и по трансферот на напаѓачот Фелипе Андерсон од Лацио, за 37,3 милиони.
15. Рома пред рекордниот трансфер на Алисон направи уште една добра зделка со продажбата на 30-годишниот Раџа Најнголан на Интер за 36 милиони. Интер веројатно смета дека Најнголан може да одигра уште две-три сезони на врвно ниво, што би било доволно за да им се исплати вложеното.
Лани за трансфери се потрошија над три милијарди евра
Лани во летниот преоден рок во петте врвни европски лиги (Англија, Германија, Шпанија, Франција и Италија) за купопродажба на фудбалери биле потрошени вкупно 3,2 милијарди евра, што било зголемување за 31 отсто во споредба со 2016 година. Во трошењето предничеле клубовите од англиската Премиер-лига (1,2 милијарда), потоа од шпанската Ла лига (544 милиони), од француската Лига 1, 515, од германската Бундес-лига, 442, и од италијанската Серија А, 430 милиони евра.
Трансферите што го обележија летото во 2017 година беа на Нејмар, од Барселона во ПСЖ (220 милиони евра), на Килијан Мбапе од Монако во ПСЖ (180 милиони), на Осман Дембеле, од Борусија Д. во Барселона (150 милиони), на Ромелу Лукаку од Евертон во Манчестер Ј. (84 милиони), на Алваро Мората од Реал во Челси (65 милиони)…
Добри зделки и без пари
Покрај овие, летово беа склучени уште многу зделки, кои се во рамките на очекувањата и на понудата и побарувачката на пазарот. Тука спаѓаат трансферите на Џердан Шакири од Стоук во Ливерпул (15 милиони), на Сократис од Борусија Дортмунд во Арсенал (19,5 милиони), на Џастин Клајверт од Ајакс во Рома (16,8 милиони), на Жан Мишел Сери од Ница во Фулам (28 милиони), на Лукас Тореира од Сампдорија во Арсенал (29,5 милиони) итн.
За спомнување се и неколкуте т.н. „слободни трансфери“ на фудбалери на кои им истекуваа договорите со матичните клубови. Баерн направи добра зделка со младиот германски интернационалец Леон Горецка (22), кој дојде од Шалке. Вредноста на Горецка, еден од најперспективните германски фудбалери, се проценува на над 50 милиони евра. Емре Чан од Ливерпул, пак, замина во Јувентус, Џанлуиџи Буфон од Јувентус во ПСЖ, Стефан Де Вриј од Лацио во Интер итн.