Додека словенечкиот премиер Јанез Јанша останува цврсто на страната на Доналд Трамп, може да се каже дека имаше одредена блискост помеѓу двете држави во мандатот на американскиот претседател во заминување, пишува „Политико“.
Словенечките политичари се надеваа дека фактот што досегашната прва дама на САД Меланија Трамп е нивната сонародничка, ќе има трансформативен ефект и ќе ги подобри односите помеѓу двете држави, кои беа ставени на тест во изминатата деценија поради блискоста на поранешната југословенска република со Русија. Но таквите надежи на Словенците, сепак, не се остварија.
За поранешниот словенечки амбасадор во САД, Роман Ким, кој беше и советник на поранешниот премиер Марјан Шарец, имаше надеж во изминатите неколку години за остварување на промена во односите со САД.
– Ни беше потребна промена во однос на нашето минато на некомуницирање, кога немаше посети на високо ниво од 2012 година. Тоа беше нашата главна цел – кажа Ким.
Словенија конечно го придоби вниманието на администрацијата на Трамп годинава, кога прифати да потпише заедничка декларација за безбедност поврзана со 5Г-технологијата. Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, ја посети Љубљана во август на церемонијата на потпишувањето, и ја пофали Словенија како важна сојузничка. А Помпео пренесе и поздрави од Меланија Трамп, која ниту еднаш не ја посети родната земја за време на четиригодишниот мандат на нејзиниот сопруг.
Мислењата на Словенците за првата дама на САД во заминување, остануваат поделени, а истото се однесува и за словенечките политичари кои постојано изразуваа гордост, но не кажаа какви придобивки би можела да има Словенија од позицијата на Меланија Трамп.
– Нашите очекувања беа дека преку нејзина вклученост, би можеле да сториме повеќе за промоцијата на Словенија – кажа Миро Церар, кој во 2018 година стана првиот словенечки министер за надворешни работи што го посетил својот американски колега во Вашингтон, по повеќе од осум години.
Згора, Церар во времето кога беше премиер на Словенија до 2016 година, заедно со претседатот Борут Пахор, ги поканил Доналд и Меланија Трамп да ја посетат Словенија, но не добиле потврден одговор. Според Церар, Меланија била пријателски настроена, но Словенија не била приоритет за неа.
Сегашната словенечка влада предводена од Јанша не ги криеше надежите од односите со САД. Министерот за надворешни работи Анже Логар, истакна дека новооформената влада сака да соработува со Меланија Трамп и со други познати Словенци во странство со цел за достигнување на националните интереси.
– Не можам да замислам како може каква било сериозна дипломатија со Меланија Трамп да функционира на таков начин. Факт е дека не успеавме да го искористиме ова во изминатите четири години. Исто така е јасно дека таа нема никаков интерес во Словенија – изјави за „Политико“ дипломат кој сакал да остане анонимен.
Во рамките на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на 2021 година, владата на Јанша имаше намера да го донесе Трамп во Брисел за самит помеѓу ЕУ и САД, кој би бил прв од ваков вид по шест години. По изборниот пораз на Трамп и честитките на победата кои му ги упати Јанша на Твитер, надежите за самитот исчезнаа, иако амбициите на словенечката влада остануваат непроменети.