Британскиот актер Хју Грант откри за својата борба со ковид-19, кога беше заразен заедно со неговата сопруга Ана Еберстејн уште на почетокот на пандемијата, во февруари, пренесуваат британските медиуми.
Според зборите на Грант меѓу првите симптоми што ги почувствувал било наглото и прекумерното потење. Ова било проследено со губење на чувството за мирис, по што почнала да го фаќа паника.
Грант раскажал сè за симптомите кои се појавиле кога се заразил на самиот почеток на пандемијата, кои биле особено чудни тогаш, додека уште не се знаеше многу за нив.
– Се обидував да помирисам сè што ќе најдев. Го мирисав буквално секој цвет, ѕиркав во корпата за отпадоци. Сакав да го помирисам секој туѓинец што ќе помине покрај мене. Кога тој ден се вратив дома, го испрскав парфемот на сопругата на лицето и не почувствував ништо. Наскоро потоа, се чувствував како да имам трипати поголеми очи. Подоцна, почнав да дишам тешко, како да седи голем човек врз моите гради – објаснил Грант, посочувајќи дека станувало збор за непријатно искуство.
Грант глуми во мини-серијата „Поништување“ заедно со Никол Кидман, чија премиера беше на „Ејч-би-оу“ на 25 октомври.