Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од Стопанската комора укажуваат на одредени проблематични сегменти во реализацијата на четвртиот пакет владини мерки за поддршка на стопанството, кои особено ги засегаат компаниите од туристичко-угостителскиот сектор, кои всушност и се најмногу погодени од здравствено-економската криза

Ќе стигне ли помошта од државата навреме до сите компании погодени од корона-кризата и дали таа ќе биде доволна за решавање на нивните проблеми поврзани со обезбедувањето на ликвидноста и со недостигот од средства за исплата на плати? Овие прашања се наметнуваат по изгласувањето на ребалансот на буџетот и на законите за поддршка на компаниите за исплата на плати, како и поддршка на лицата што вршат самостојна дејност, особено поради тоа што засегнатите укажуваат дека проблем се и некои од условите што ги поставува државата за да можат компаниите да аплицираат за поддршката.
Претставниците на Стопанската комора на Македонија посочуваат дека мерката за финансиска поддршка на работодавците за исплата на плати, која е и прва од четвртиот владин пакет, би требало да им помогне на компаниите што се најмногу погодени од кризата, имајќи предвид дека оваа финансиска поддршка е одредена скалесто, во согласност со приходите на компаниите т.е. колку е поголем падот на приходите во компаниите толку ќе биде поголема поддршката за исплата на платите (во износи од 14.500 до 21.776 денари).

– Очекувањата се дека со оваа мерка ќе им се овозможи на самите компании да го задржат нивото на вработени, како и стабилноста и ликвидноста во наредниот период. Со оглед на тоа дека вредноста на оваа мерка изнесува околу 70 милиони евра и може да аплицираат голем број компании погодени од кризата за исплата на плати и задржување на вработените во компаниите, се очекува мерката навремено да им помогне за да го пребродат овој тежок период, а исто така од големо значење е и тоа што им се обезбедува поддршка и на самостојните вршители на дејности, односно трговците поединци, лицата што вршат земјоделска и занаетчиска дејност – дополнуваат од СКМ.
Сепак, од Комората укажуваат и на одредени проблематични сегменти, кои особено ги засегаат компаниите од туристичко-угостителскиот сектор, кои всушност се и најмногу погодени.
– Во согласност со реакцијата на најголем дел од компаниите од овој сектор, тие не се во можност да ја искористат мерката за исплата на плата за октомври, ноември и декември, бидејќи не можат да го исполнат условот да имаат ист број вработени во октомври како во август 2020 година. Дополнителен проблем е и одлуката да се стават надвор од функција зимските скијачки центри, што уште повеќе го усложнува функционирањето на овој сектор – посочуваат од Комората.

Наедно, оттаму додаваат дека како резултат на времетраењето на кризата, но и поради неизвесноста во следниот период и непредвидливоста на развојот на економско-здравствената криза, овој сектор останува со драстичен пад на прометот од над 70 проценти во просек на годишно ниво.
Во насока на надминување на кризата, претставниците на Стопанската комора на Македонија сметаат дека секоја мерка што би ја донела Владата во овој период за обезбедување директна поддршка, но и за олеснување на условите за стопанисување, е добредојдена за компаниите. Во таа насока, од СКМ посочуваат дека е позитивно, на пример, усвојувањето на одлуката за намалување на увозните давачки за суровини и репроматеријали, кои беа посочени од Асоцијацијата на странски инвеститори со технолошко напредно производство при Комората.
– Оваа мерка е позитивна мерка за самите компании и се обезбедува поддршка за преработувачката индустрија, како и развој на преработувачките капацитети. На среден рок, останува барањето на бизнис-секторот за целосно ревидирање на царинските стапки и нивно соодветно усогласување со нивото на царинските стапки во ЕУ. Истовремено, во насока на олеснување на работењето на компаниите, Комората очекува во брзо време да се финализира процесот на ревидирање/намалување и/или укинување на парафискалните давачки, како и редовно да се сервисираат обврските од страна на државата кон приватниот сектор.

Исто така, потребно е да се обезбедат уште поволни кредити за стопанството од страна на Развојната банка, а бизнисот очекува во брзо време да биде операционализирана и најавената мерка за обезбедување гаранции за царински долг – додаваат од СКМ.
Дека состојбите не се добри укажуваат и од Занаетчиската комора – Скопје. Оттаму посочуваат дека поради кризата одредени занаетчии веќе ги затвориле своите дуќани и додаваат дека следниве шест месеци ќе бидат навистина тешки за нив.
– Во комората веќе има пристигнато барања за затворање занаетчиски дуќани поради неможност за справување со кризата. Секако, тука сме да им помогнеме на занаетчиите да аплицираат на повикот за субвенционирање средства потрошени во 2020 година за алат и репроматеријал, како и да аплицираат за финансиска поддршка за самостојни вршители на дејност за октомври, ноември и декември – посочуваат од Занаетчиската комора – Скопје.