Брачниот пар од Германија, Угур Шахин и Озлем Туречи се најде во центарот на светското внимание, откако тие ја создадоа ковид-вакцината со 90-отстотна ефикасност, пренесува Си-ен-ен.
Сахин (55) и неговата сопруга Туречи(53), научници со турско потекло кои живеат и работат во Германија, го посветија својот живот на онкологијата и инфективните болести, а вложија години во усовршување на третманите за имунотерапија за карциноми. Особено забележителни се нивните достигнувања во областа на модификација на генетските кодови.
Брачниот пар ја основа компанијата „БиоЕнТек“ во германскиот град Мајнц во 2008 година, а тие се и меѓу 100-те најбогати луѓе во Германија, благодарение на нивната претходна компанија од 2001 година „Герименд Фармасетикс“, која ја продадоа за 1,4 милијарди долари.
Американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“ завчера објави дека достигнувањата на брачниот пар резултирале со вакцина која има ефикасност од над 90 отсто во спречување на инфекцијата од ковид-19.
Вакцината ја користи експерименталната технологија наречена Информациона РНК, или „РНК-гласник“, за да предизвика имунолошки одговор кај луѓето кои се вакцинирани. Извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, ја нарече вакцината „најголемиот медицински напредок“ во последните 100 години.
– Добрата вест е што сега знаеме дека инфекциите на ковид-19 навистина можат да се спречат со вакцина – изјави Шахин.
Нивниот пристап за вакцини користи генетски материјал за да ги измами клетките во производство на протеини кои изгледаат како дел од вирусот. Имунолошкиот систем учи да ги препознава и напаѓа тие мали делови и, во теорија, брзо би реагирал на каква било вистинска инфекција од ковид-19.
И покрај достигнувањата на академско ниво, брачниот пар останува скромен и додека стигнуваат пофалби од целиот свет, во време на ковид-пандемијата.
– Чувствувавме обврска да сториме нешто за општеството, со оглед на работата што ја завршивме во нашата област во последните две децении – велат тие.
Сахин и Туречи ги зближила заедничката страст, а тие дури и го започнале денот на нивната венчавка во истражувачката лабораторија.
Во јануари, откако прочитал научен труд за коронавирусот во Вухан, Шахин бин инспириран од антиканцерогените лекови и назначил 500 вработени од „БиоЕнТек“ да работат на проектот со неколку потенцијални соединенија за вакцина врз основа на Информациона РНК, за на крај да го склучат и партнерството со „Фајзер“ во март.
Сепак, Шахин е свесен и верува дека нивната вакцина нема да биде единствената против ковид-19, истакнувајќи дека голем број испитувања кои се наоѓаат во клучната трета фаза се во тек.
Брачниот пар се надева дека ќе биде постигнато производство од 1,3 милијарди дози до крајот на идната година, доколку добијат овластување. Тие исто така планираат да побараат дозвола од Американската администрација за храна и лекови за одобрување на итна употреба на вакцината најрано веќе од следната недела.