„Колекторијада“

Обично спортските натпревари што се одржуваат на две или повеќе години се именуваат на пр. „Балканијада“, „Олимпијада“ и слично. Бидејќи колекторскиов систем „изграден“ околу Охридско Езеро, станува одвреме-навреме актуелен, може да се нарече дека е и спортски настан. Направен пред многу години, тој никако да профункционира онака како што треба. Кои политички гарнитури како доаѓаат, а сега, еве, во „северна македонија“ подготвуваат свои изјави за новинарите, а и за народов да разбере, дека се потребни толку и толку нови финансии за да се „доведе во ред“. Тоа доведување во ред стана омилена приказна на општинските структури во Охрид, кои секогаш (или речиси секогаш) се извлекуваат на она пред тоа. До каде ќе дојдат сега, не се знае!
Но генерално гледано, Охрид стана една голема катастрофа. Градбите што изникнаа и изникнуваат секојдневно во стариот град се со некоја квазиохридска архитектура. За ова деновиве, во една изјава (на ТВ) се огласи и еден охридски архитект, со едно големо негодување за она што се прави. Ама тој е меѓу првите што на темелите на својата стара семејна куќа, која беше со еден „граѓански изглед“, ја изгради новата, токму на оние постулати, кои и самиот ги критикуваше. Кога во една пригода поминував од таму, со некои учесници на СВП, беа зачудени и прокоментираа дека украсите на фасадата (што се кон улицата) се со изглед на радијатори. Па, така, новите градби, кои наводно се на местата од старите, веројатно се по прописите на роднинско, кумски, старосватовски обичаи, решени во стручните служби во Општина на Град Охрид.

Инаку пред неколку години се урна земјиште од ридот над куќата на Робевци, во самиот двор. Никој од стручните служби не се огласи да каже дека целиот тој рид, на кој е стариот град, е мека земја, врз која единствени градби, некогаш биле црквите (во број колку што годината има денови), а сè друго биле тек-тук некои куќарки, кои во поголем број, фасадите им биле заковани со ламарини, (за заштита од ветровите и дождовите) од канти во кои трговците носеле сирење, маст и др. продукти. Ова не е измислено (од мене). Единствена величествена градба беше горе под Самуиловата тврдина, семејната куќа на познатиот охридски адвокат г. Демостен (пок.), а околу куќата и нагоре по ридот се протегаше познатата Бадемова Шума, која сега ја нема, не постои, а беше симбол на градот, како медитерански плод, како што е и маслинката. (Инаку во сите ситни колачи и торти, што ги правеа охридските домаќинки мораше да има „бајам“, како што охриѓани го викаа бадемот). Сега таму се начичкани урбанистичко, роднински, кумски и со други карактеристики „охридски куќи“.

Низинските градби, како и оние што се пандан на Охрид, се друга приказна.
Инаку колекторскиот систем беше еден од условите Охрид да го добие покровителство на УНЕСКО, а пред сè за историско-културното минато, црквите, фреските, иконите, архитектурата итн. Сега сево ова е доведено под прашање т.е. Охрид да го загуби покровителството.
Сега ни остануваат само апелите до „одговорните“ и толку. Катастрофата продолжува!

Гордана Михаилова Бошнакоска, писателка