Од другите средби денеска, дуелот Реал – Интер е меѓу поинтересните, двата тима во првите две кола не забележаа победи, а тоа ќе биде и меч помеѓу двајцата поранешни клупски колеги од Јувентус, сега тренери, Зидан и Конте
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ТРЕТО КОЛО
Дуелот Реал – Интер е меѓу поинтересните вечерашни натпревари од третата рунда во групната фаза во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Двата тима во првите две кола не забележаа победи. Реал го загуби првиот меч дома од Шахтар (2-3), а во вториот на гости против Борусија Менхенгладбах едвај извлече реми (2-2) во финишот од мечот. Интер двапати ремизира, дома со Борусија (2-2) и на гости со Шахтар (0-0).
Ова ќе биде пресметка и помеѓу двајцата поранешни клупски колеги од Јувентус, сега како тренери, Зинедин Зидан и Антонио Конте, прва за нив од ваков вид.
Формата на Реал Мадрид е во нагорна линија, за што сведочи триумфот над Хуеска (4-1) во Ла лига, а добра околност за Зидан е што Еден Азар по подолга пауза повторно е здрав и постигна гол. Интер во домашното првенство ремизира со Парма, 2-2. Вечерашниот натпревар Реал – Интер ќе биде 16-ти помеѓу овие два тима. Поуспешен досега е Интер со седум победи, шест порази и две ремија.
Салцбург го пречекува актуелниот европски шампион, Баерн, кој е во серија од 13 победи по ред во Лигата на шампионите. Баварците, кои на досегашните шест средби против австриски тимови не се поразени (четири победи и две нерешени средби), во првите две кола беа на нивото на задачата, забележаа две победи, дома над Атлетико (4-0) и на гости во Москва кај Локомотив (2-1). Салцбург дома ремизира со Локомотив (2-2), а во Мадрид загуби од Атлетико (2-3).
Трет натпревар што привлекува внимание е Аталанта – Ливерпул. Тимот од Бергамо, предводен од Џан Пјеро Гасперини, кој лани дебитира во ЛШ и по првите три порази во групната фаза стигна до нокаут-фазата, по првите две кола во новата сезона има четири поени.
Шампионот на Англија, Ливерпул, има стоотстотен ефект, но проблем за менаџерот Јирген Клоп се повредите на неколку клучни играчи во одбраната (Вирџил ван Дајк, Жоел Матип и Фабињо).