ООУ „Владо Тасевски“ во Скопје дел од голем светски онлајн екопроект

Оваа есен се одбележува голем светски настан поддржан од два и пол милиони наставници и ученици во светот, кои обединети реализираат онлајн соработка и активности за заштита на планетата Земја. Се работи за интерактивен непрофитен иновативен проект, во траење од шест недели, а се заокружува со заедничка конференција со 250.000 виртуелни посетители.

За целите на проектот се залагаат и голем број светски лидери и глобални експерти како далај-лама, д-р Џејн Гугал, претседателот на Австрија, Ван дер Белен, ирскиот претседател Мајкл Хигинс и Куми Наидо… Проектот се реализира во соработка со ВВФ интернешнел и НАСА, УНЕСКО, Европскиот парламент, програмата за зачувување на животната средина на ОН и вклучување на министри за образование од 15 земји.
Заложба за проектот потпиша и македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој ќе земе збор на екоконференцијата што ќе се одржи в сабота, 5 ноември. За време на настанот ќе биде објавен нов манифест за климатските процеси, кој ќе можат да го потпишат градоначалниците на глобално ниво.

– Проектот е достапен до сите заинтересирани ученици и наставници, а неговата цел е да ги промени однесувањето на учениците и размислувањето на општеството за климатските промени. Едукаторите на проектот од разни земји имаат улога лично да ги водат едукаторите низ светот во активностите за успешната реализација на екокурикулумот преведен на 15 јазици и веруваат дека може да се стори повеќе од меморирање дефиниции за климатските промени, бидејќи учесниците поседуваат потенцијал за најдување решенија -вели екоактивистот Тим Коен од Белгија, основач на проектот.
Едукаторка во рамките на нашата земја и екоедукаторка е м-р Виолета Панев од ООУ „Владо Тасевски“.
– Нашите активности за време на проектот се тематски и курикулумски реализирани и опфаќаат стекнување знаење и вештини за климатските промени и нивните ефекти на локално и глобално ниво, како и екопредизвици и солуции во рамките на одржливите цели на Обединетите нации. Учениците: Даниел Тренчески, Ања Јаковска, Срна Георгиевска, Анабела Такашманов, Георге Ивановски, Филип Арсовски и Димитар Христовски изработуваа проектни активности, презентации и видеа и споделивме заеднички искуства и онлајн средби со ученици од Индија и од Србија, како и средба со младинската еколидерка Ангела Бушеска во рамките на програмата „Млади ги предводат младите“ (Youth leading youth). Благодарение на соработката со НАСА, учениците имаа можност да испратат свои пораки дури до Марс.

Образованието може да понуди не само знаење туку и вештини, можности и социјално-емоционално учење за светот и за климатските промени преку вредностите инфилтрирани во курикулумот и практичната реализација на одржливи цели на ОН (мир, еднаквост, соработка). Тоа се вештини на 21 век, учење базирано на проекти и дигитални компетенции. Овој пат излегуваме од нашите училници и се поврзуваме со ученици од 135 земји во светот. Проектот е во фокус на самиот ученик, кој истражува, учи, споделува и дискутира за разни области (јазик, природни науки, математика, литература…) – објаснува наставничката Виолета Панев.
Според големиот број учесници, оваа нова генерација бестрашно и храбро оди напред во акција за климатски активности и влијае врз меѓународниот дијалог за општествените теми и политиката.
– Со своите пораки за решенија, солидарност и издржливост, овие млади активисти излегуваат надвор од училницата преку социјалните медиуми на градските улици и чекорат до владините згради. Како граѓани на светот, тие демонстрираат дека секоја личност може да изврши позитивно влијание за климата и животната средина – вели коосновачот д-р Џенифер Вилијамс.

Во текот на изминатите години учениците веќе имаа големо влијание на глобален план: национални промени со зелените точки во Ирска, американски студенти измислија соларен куфер, аргентински, пак, излегоа со нови биопластични рецепти, а студенти во Малави спасија езеро со садење 60 милиони дрвја. Проектот ни дава слика за хибридна онлајн екоучилница во секој агол на светот – дури и на Антарктикот.
Повеќе детали за проектот на сајтот www.climate-action.info, а линкот за конференција е: www.climateactionday.net.