Белград – Србија завчера доби нова влада, која беше избрана од мнозинството пратеници по јавно изгласување. За новата влада, по вторпат на чело со Ана Брнабиќ, гласале 227 пратеници, петмина биле против, додека немало воздржани. Новата влада ќе има 21 министерство, а повеќе од 50 проценти од новите членови на кабинетот се жени. По гласањето, Брнабиќ и членовите на нејзиниот кабинет положија заклетва, јави Бета. Брнабиќ најави дека новата влада ќе биде влада на политички и економски континуитет и дека ќе има шест цели.

Подгорица – Откако мандатарот Здравко Кривокапиќ рече дека е задоволен од напредокот во формирањето на владата и дека политичарите може да учествуваат во неа, доколку бидат квалификувани, водачот на ГИ УРА, Дритан Абазовиќ, рече дека оваа политичка опција нема да дозволи „коцкање“ за националните интереси на Црна Гора. Абазовиќ на својот профил на Твитер напиша дека концептот на експертска влада е најдобро решение.

Атина – Грчките власти го уапсија капетанот на товарниот брод што под знамето на Португалија се судри со грчки воен брод во близината на пристаништето Пиреја. Крајбрежната стража соопшти дека капетанот е уапсен за кршење на грчкиот кривичен законик и меѓународните прописи за спречување судири на море.
Јелена Михајловиќ, пратеничка во српското собрание


Бисер балкански

Ќе ги заобиколам формалните рамки и ќе почнам да рапувам

Новиот претседател на српското Собрание, Ивица Дачиќ, на седницата на Собранието службено ѝ го предаде микрофонот за пеење на претставничка од помладата генерација. Откако доби збор за време на дискусијата за избор на новата влада, пратеничката од редовите на Социјалистичка партија на Србија, Јелена Михајловиќ, ги изненади сите во салата. Ќе ги заобиколам формалните рамки поради неколку стихови од песна напишана во 1981 година. Се споменуваат темите за кои сè уште дискутираме – рече Јелена пред да почне да рапува.