Сѐ почесто возачите не ги употребуваат трепкачите. Сметаат дека нема потреба да им сигнализираат на возилата зад нив каде ќе вртат. Иако таквото однесување подлежи на санкции, досега не е забележан случај на казна
Тренд на сЀ поретко користење на покажувачот на насоката на возилата
Користењето на трепкачите во сообраќајот се чини дека повеќе не е во мода. Сѐ повеќе возачи, кога вртат лево или десно, не ги вклучуваат трепкачите, па предизвикуваат забуна меѓу другите учесници во сообраќајот низ улиците. Исто е и со користењето на четирите трепкачи, кои се вклучуваат при вонредно застанување на улица или на отворен пат.
За жал, од реалноста, но и од сведоштвата на нашите соговорници може да се заклучи дека игнорирањето и запоставувањето на обврската да се користат трепкачите често е причина за сообраќајна незгода, а уште полошо е и тоа што многумина од новопечените возачи воопшто не знаат кој трепкач треба да се вклучи за насоката кон која се движат. Па, така, додека возилото врти лево, еден од трепкачите покажува свртување надесно.
Низ улиците, особено на скопските, се случува вистинско шаренило од бои. Некој смета дека итно му е потребен простор за движење, па се движи со поголема брзина од дозволената со вклучени четири трепкачи, друг, пак, воопшто не ни вклучил трепкач за да сигнализира дека ќе го смени правецот на движење, додека трет, пак, го промашил правецот на движење во однос на трепкачот што го активирал.
– Сѐ почесто возачите ги игнорираат трепкачите. Сметаат дека нема потреба да им сигнализираат на возилата зад нив дека ќе вртат и каде ќе вртат. Така, на двапати имам удрено возило пред мене и јас излегувам виновен затоа што сум удрил одзади, иако тој пред мене имаше вклучено погрешен трепкач. Уште посмешно е што кога веќе ќе се случи несреќата тие тогаш ги вклучуваат трепкачите за да се види дека сигнализирале, за да не излезат виновни. За жал, не може никако да се докаже вистината – вели Раде Цветановски, жител на Железара.
Тој вели дека е возач повеќе од 40 години и се жали особено на младите возачи, кои немаат навика да ги употребуваат трепкачите.
– На една девојка ѝ застанало возилото среде возење навечер. И девојката комотно си излегла од возилото и не ги вклучила четирите трепкачи, кои во тој случај треба да се вклучени за да им сигнализираат на другите возачи дека има возило што не се движи на патот. Среќа е што не возам брзо, па сфатив дека возилото пред мене не се движи – вели тој.
Проблем немаат само возачите. И пешаците и велосипедистите мака мачат со несовесните возачи на кои им е проблем да вклучат трепкач.
– Јас си чекам зелено светло на семафор. Тие од спротивната страна имаат дополнително зелено светло доколку вртат кон мојот правец. Кога и ним и мене ми е зелено, се соочувам со опасности, затоа што одеднаш гледам дека автомобил доаѓа кон мене. Возачот воопшто не се потрудил да вклучи трепкач, па јас навистина не можам да знам кој во кој правец планира да се движи – вели Јордан Живкоски.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека досега се немаат случено сообраќајни незгоди како последица на користење или некористење на трепкачи. Такви инциденти се случуваат, но не се пријавуваат.
– Од извршените проверки во евиденциите на Секторот за внатрешни работи – Скопје може да се види дека нема извршено увиди со наведената причина на употреба или неупотреба на прикажувачи на правци – трепкачи – велат од МВР.
Оттаму додаваат дека во согласност со Законот за безбедност на патниот сообраќај овие прекршувања се регулирани во членот 62 од законот.
– На јавен пат возачот е должен да ги вклучи покажувачите на правци на возилото, а особено: ако врши предупредување на други учесници за опасност во сообраќајот, во услови на намалена видливост (густа магла, чад и слично), ако е последен во колоната на возила запрена на пат надвор од населено место, освен ако колоната запрела заради постапување според сообраќаен знак или правило со кое се регулира сообраќајот и ако запре на коловоз, освен во случај на паркирање на обележано паркиралиште, односно поради постапување по сообраќаен знак или правилата во сообраќајот – се вели во ставот еден од членот 62.
Според ставот два од членот, мандатен платен налог со глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 20 негативни бода во согласност со одредбите од овој закон, на возачот што постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член.