Во реторика на „хунта“ или „мафија“ за едната страна или „криминалци“ за другата страна, кој со кого ќе прифати да води политички дијалог?
Со години добронамерници нѐ советуваат дека треба да се воспостави политички дијалог, барање на најширока можна политичка поддршка, особено за клучни прашања од национален интерес. Ние и имаме два договори поради нефункционирање на политичкиот дијалог: првиот, Охридскиот рамковен договор, кој се однесува на меѓуетничкиот дијалог, со кој е воспоставен и систем за заштита од мајоризација – двојното или Бадентеровото мнозинство, и вториот, Пржинскиот договор, кој се однесува на меѓупартискиот дијалог, со кој се воспоставени посебни правила за обезбедување фер избори. Тука треба да се спомене и Деловникот на Собранието, кој неколкупати е изменуван за да се осигури политичкиот дијалог.
Да ги спомнам и другите форми, некои заборавени како Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ). Овој совет, основан во 2007 година, за „обезбедувањето заедничка согласност и координирано дејствување во процесот на добивање членство на Република Македонија во Европската Унија“, покрај политичари претставници на поширокото граѓанско општество, вклучуваше: стопански комори, синдикати, граѓански организации и цркви и верски заедници. На веб-страницата на Собранието сѐ уште стои дека претседател на НСЕИ е Радмила Шеќеринска, а последната седница, според веб-страницата, е од 2014 година. Што повеќе да се каже и за политичкиот дијалог, и за консултациите и за ЕУ-интеграциите. Малку подобра судбина има Економско-социјалниот совет, иако имаше периоди да бидат консултирани откако ќе се донесат законите за кои треба да бидат консултирани.
Воспоставивме и Единствен национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што се објавуваат регулативи за кои се потребни консултации. Тука барем формата е исполнета. Но и таа процедура може да се прескокне, едноставно со механизмот за носење закони по скратена процедура. И дома и во ЕУ има критики за користењето на овој механизам, за да се ограничат консултациите и расправата за регулативите. На пример, измените на Законот за заштита од заразни болести не се објавени во ЕНЕР, измените се носат во скратена форма, а јавноста нема пристап до предлозите, ниту пак ќе биде консултирана. Од друга страна, ќе се очекува незапознаената и неконсултирана јавност да ги спроведува мерките предвидени со измените на законот.
На тема на политичкиот дијалог имам коментирано многупати, од „Дијалог или ценкање во арапски стил?“ до последниот годинашен „Повици за сплотување од поделени локации“. И не е само македонски предизвик. Многу нации историски ставиле акцент на „слогата“ или „соединението“, во модерен речник политички дијалог за најширока можна политичка поддршка.
Нашите претседатели со години повикуваат на сплотување. За ЕУ е клучен критериум како ќе се договараме со 28 нации ако внатре не знаеме да се договориме. Е, тука треба да излеземе од сопствената комфор-зона, од ограничувањата на националната политичка култура.
Е, сега со вака долга историја на политичко недоговарање, се наоѓаме среде „добрососедска“ криза, како и здравствена и економска криза предизвикана од короната и, секако, пред нова политичка криза како резултат на отсуство на политички дијалог, кој накратко може да се опише како едниот не сака лидерска средба, другите ќе го блокираат Собранието.
Зоран Заев, премиерот, го одби барањето на Христијан Мицкоски, лидерот на опозицијата. Нормално „нашите“ и „нивните“ имаат долга аргументација зошто „нашите“ се добри, а нивните „лоши“. Во неколку дена потоа во Собранието се доставени измените на Законот за заштита од заразни болести, ВМРО-ДПМНЕ побара повеќе време за нивно разгледување. Венко Филипче, министерот за здравство, во средата изјави: „Мерките за заштита од ковид-19 што се во Собранието мора итно да се донесат. Нема повеќе време за одлагање, состојбата со вирусот е сериозна.“
А само три дена претходно во твит ја исмеваше опозицијата, од која сега очекува во скратена постапка да се изгласаат измени за кои јавноста не е информирана. Во реторика на „хунта“ или „мафија“ за едната страна или „криминалци“ за другата страна, кој со кого ќе прифати да води политички дијалог?
Партиските лидери со ваквата реторика може да ги забавуваат своите запалени навивачи, но овој пат, како и во некои претходни пригоди, можат да ја запалат државата. Отсуството на политички дијалог може да нѐ одведе во национална, здравствена и економска катастрофа. Мора да започне деескалација на поларизацијата веднаш! Прв чекор е избегнување на речникот на стигматизација и демонизација на политичките ривали. И одговорноста за тоа е на најмоќниот во државата – премиерот Зоран Заев, како и на Владата, а потоа и на Христијан Мицкоски, лидерот на опозицијата. И да, граѓанското општество, стопанските комори, синдикатите, граѓанските организации, медиумите, граѓаните мора да бараат обновување на политичкиот дијалог и на институциите за тоа.
Авторот е аналитичарБлог www.megjutoa.mк @sklek