Никогаш не сум помислил дека ќе го доживеам денот кога нашиот американски претседател ќе застане покрај рускиот претседател и ќе ги обвини САД за руската агресија. Тоа е засрамувачки, порача републиканскиот сенатор Џеф Флејк

Средбата помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин предизвика лавини реакции и критики. По самитот во Хелсинки, Трамп го навлече гневот на американскиот политички естаблишмент – и демократи и републиканци – признавајќи дека и САД се одговорни за влошените односи. Но тоа што дополнително ги вџаши политичките кругови во Вашингтон е неговото прифаќање на „зборот“ на Путин, дека немало руско мешање во американските избори во 2016 година. Поради ваквите изјави, американски конгресмени и сенатори го обвинуваат Трамп за предавство и сериозно поткопување на националните интереси на САД. Од друга страна, пак, руските медиуми и политичарите во Москва позитивно го дочекаа исходот од разговорите во Хелсинки, оценувајќи дека станува збор за охрабрувачки чекор напред кон подобрувањето на односите помеѓу САД и Русија, оценуваат светските медиуми.

Најмногу негативни реакции предизвика негирањето на Трамп дека Русија се мешала во претседателските избори во 2016 година, а истрагата за тоа ја нарече „катастрофа за САД“. Одговарајќи на новинарско прашање дали директно ги обвинил Русија и Путин за изборно мешање, тој порача дека такво нешто не се случило, и покрај тврдењата на американските разузнавачки агенции.
– Моите разузнавачки претставници, вклучувајќи го и директорот на разузнавањето Дан Коатс, ми рекоа дека тие мислат оти е Русија. Путин само што ми кажа дека не е Русија. Не гледам ниту една причина зошто би била Русија – истакна Трамп.
Поради ваквите изјави, истакнати републикански и демократски членови на Конгресот на САД остро го критикуваат шефот на Белата куќа. Тие оценуваат дека американскиот претседател не му испратил сериозно предупредување на Путин за мешањето во изборите. Трамп, според нив, дури и ѝ испратил порака на Москва за слабоста на САД. Лидерот на демократите во Сенатот, Чарс Шумер, порача дека пристапот на Трамп во Хелсинки е без преседан за еден американски претседателот.
– Претседателот на САД да застане на страната на претседателот Путин против спроведувањето на американскиот закон, американските воени претставници и американските разузнавачки служби е непромислено, опасно и доказ за слабост – истакна Шумерс.

Се огласи и влијателниот член на Републиканската партија, сенаторот Линдзи Греем, посочувајќи на нови проблеми во иднина.
– Претседателот Трамп ја пропушти шансата одлучно да ја обвини Русија за мешањето во 2016 година и да испрати силно предупредување во врска со идните избори. Таквиот одговор на претседателот Трамп, Русија ќе го види како знак на слабост и тоа ќе создаде многу повеќе проблеми отколку што ќе ги реши – порача Греем.
Уште еден републикански сенатор, Џеф Флејк, ги оцени зборовите на Трамп како „засрамувачки“.
– Никогаш не сум помислил дека ќе го доживеам денот кога нашиот американски претседател ќе застане покрај рускиот претседател и ќе ги обвини САД за руската агресија. Тоа е засрамувачки – истакна Флејк.
Истовремено, бившиот директор на ЦИА, Џон Бренан, кој беше на таа функција од 2013 до 2017 година, не беше нималку остар со критиките, порачувајќи дека однесувањето на Трамп во Хелсинки „не е ништо помалку од предавство“.
– Не само што зборовите на Трамп беа имбецилни, туку тој е и целосно во рацете на Путин. Републиканци, каде сте – порача Бренан.

Од друга страна, самитот помеѓу Трамп и Путин, кој беше прва нивна официјална билатерална средба, беше позитивно пречекан од руските политичари и медиуми. Руските медиуми оценуваат дека самитот претставува охрабрувачки чекор напред, додавајќи дека лидерот на Кремљ повеќе се истакнувал.
– Денеска видов двајца лидери што можат да се согласат еден со друг – изјави Константин Косачеф, шефот на Одборот за надворешни работи во Горниот дом на рускиот парламент.
За Валентина Матвијенко, портпаролката на Горниот дом на Думата, состанокот има голема улога не само во приспособувањето и враќањето на нормалниот политички дијалог, туку има големо значење и за мирот и стабилноста во светот.


Руска шпионка уапсена во САД

Американската полиција ја уапси Русинката Марија Бутина, која живее во Вашингтон, под сомнение дека се занимава со шпионажа во корист на Москва. Бутина, според американското министерство за правда, се товари за заговор со цел да дејствува како агентка на руската влада, пренесуваат американските медиуми.
Досегашната истрага наводно покажала дека 29-годишната Русинка развивала односи со американски граѓани и се инфилтрирала во политички групи. Според американското министерство, таа наводно работела под контрола на неименуван висок претставник во руската влада.