Во почетокот на годината, додека Европа со загриженост го следеше развојот во Италија, Шпанија и во Франција, на Балканот беше мирно во однос на дневните инфекции од ковид-19 и справувањето со коронавирусот. Деновиве работите во регионот сѐ повеќе стануваат сериозни
Додека Европа ги враќа рестрикциите, а некои од европските престолнини се под целосен карантин, од вчера во насока за стопирање на ширењето на инфекциите од коронавирусот, повеќето земји на Балканот, иако не се под целосен карантин, тешко го зауздуваат опасниот вирус.
Словенија, која беше една од земјите во регионот што на светско ниво беше посочена како најдобра држава во однос на справувањето со пандемијата на почетоците, сепак од вчера одлучи да воведе карантин во седум од 12 региони за да се спречи ширењето на заразата од коронавирусот. Како што објавуваат балканските медиуми, во овие седум делови на земјата, меѓу кои е и Љубљана, на јавните места е забрането собирање на повеќе од 10 лица. Жителите не смеат да го напуштат својот регион, освен поради професионални обврски или здравствен третман. Задолжително е носење заштитна маска и на отворен простор. Словенија изминатите денови имаше висока стапка на заразени, а според последните податоци за 24 часа беа регистрирани околу 700 нови случаи, при што 10 лица почина.
Во меѓувреме српскиот кризен штаб за борба против новиот коронавирус вчера исто така одлучи да воведе обврска сите граѓани да носат маски на отворен простор и забрани специјални собири на повеќе од 30 лица. Во изјава за медиумите, по седницата на Кризниот штаб, д-р Дарија Кисиќ Тепавчевиќ нагласи дека сегашната епидемиолошка состојба во државата е таква што расте бројот на пациенти со корона. Инаку, во Србија во последните 24 часа од последиците на коронавирусот починаа две лица, а 203 се заразени од 6.505 тестирани, објави Министерството за здравство на Србија.
Соседна Хрватска исто така бележи зголемување во бројката на заболени. Хрватските здравствени власти известија дека во последните 24 часа во земјата се регистрирани 1.131 нов случај на ковид-19. Тие се дијагностицирани од направени 5.693 тестирања. Ова, како што пишуваат хрватските медиуми, е највисока регистрирана бројка на дневно ниво. Во последното деноноќие има и еден смртен случај. Во моментов во Хрватска се активни 4.233 пациенти со ковид, од нив 505 се хоспитализирани, а 24 лица се на респиратор.
Паралелно на ова, во Сараево казните за неносење маски и на отворено ќе бидат од 250 до 750 евра. Во последното деноноќие, во Босна и Херцеговина се регистрирани рекордни нови 567 случаи на коронавирус. Од тоа, 386 се во Федерацијата и 181 во Република Српска. Пријавени се и 14 смртни случаи.
Исто така премиерот на Косово, Авдулах Хоти, завчера предупреди на можноста за заострување на мерките доколку се влоши состојбата со коронавирусот во следните две до три недели. Изјавувајќи дека бројот на новоинфицирани лица во Косово се зголемил во последните денови, Хоти предупреди дека епидемиолошката состојба може да се влоши дополнително доколку граѓаните не ги почитуваат мерките за заштита. Во претходните 24 часа во Косово едно лице почина како резултат на инфекцијата, додека од 650 тестирани, за 80 е потврдено дека имаат коронавирус.
Слично како и во Косово, и бројот на лица заразени со коронавирус постави нов рекорд во Бугарија. Со извршени 6.324 теста во последните 24 часа, пријавени се 914 нови случаи. Ова е 95 повеќе од претходниот ден, кога беа регистрирани 819 позитивни примероци.