Спроведена е координирана полициска операција чија цел било сузбивањетo на криминална група која криумчарела мигранти, соопшти на денешната прес-конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
– Криминалистичката истрага над организираната 12-члена криминална група, која подолг временски период делуваше на територија на Република Северна Македонија, се спроведуваше во изминатите десетина месеци, од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во периодот од декември 2019
година досега. Организаторите на криминалната група М.С., неговиот син С.С. од Богданци, А. А. од Скопје и А.М. од с.Лојане-општина Липково, во соработка со лица од
Р.Грција, организирале криминална група со која на територијата на Република Северна
Македонија, во временски период од декември 2019 година досега, организирале
криумчарење на околу 100-тина илегални мигранти, при што се стекнале со значителна
противправна имотна корист. Најголем број од мигрантите биле по потекло од
Авганистан, Пакистан, Сирија, Иран, Египет и други земји од Блискиот и Средниот
Исток, кои претходно престојувале на територија на Р.Грција“, информира Ангеловски.
Врз основа на претходен договор помеѓу организаторите на криминалната група,
мигрантите на територијата на Македонија биле пренесувани од територијата на Грција, преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија и Дојран, од каде потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, биле доведувани на претходно утврдени и договорени локации, по што членовите на организираната криминална група ги прифаќале и со возила ги превезувале до одредени локации во Кумановско липковскиот регион. Организаторот на криминалната група од Кумановско-липковскиот регион, го организирал нивното прифаќање и времено сместување во објекти на членови, криминални соработници и помагачи на криминалната група, а кога ќе се створеле услови, мигрантите биле прокриумчарени преку границата со Србија, а
оттаму кон државите од Европската Унија. Цената на транспорт по лице изнесува од 500 до 700 евра.
– Извршени се претреси во вкупно 10 објекти лоцирани на подрачје на Гевгелија, Скопје, Штип и Куманово, а лишени од слобода беа 10 лица, додека еден веќе издржува мерка притвор, за претходно сторено кривично дело „криумчарење мигранти“ – соопшти Ангеловски.
ОСОСК до ОЈО за ГОКК, поднесе кривична пријава против 12 лица, и тоа против М.С. (49) од Богданци, неговиот син С. С. (23) од Богданци, А.А. (42) од Скопје и А.М. (47)
од село Лојане, општина Липково, потоа против Б.Ј. (22), М.М. (21) и Д.С. (29), тројцата од Богданци, Т.К.Ц. (53) од Штип, Ј.К. (23) од Богданци, Т.М. (36) од Валандово, Д.Љ. (39) од Скопје и Ф.А. (26) од Скопје.
Министерството за внатрешни работи и во наредниот период продолжува со интензивни мерки и активности со цел сузбивање на криумчарењето на мигранти, како и на сите други видови криминал.