Министерството за здравство информира дека минатата недела, од 5 до 11 октомври, тестирани биле вкупно 13.028 материјали за ковид-19, или 32,5 отсто повеќе во однос на неделата претходно.
– Регистрирани се 2.243 нови позитивни случаи од 33 града во државата, што претставува зголемување од 86,5 отсто во однос на претходната недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (н=1155; 51,5 осто), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Гевгелија – 215,1/100.000“, се наведува во соопштението кое се повикува на Извештајот од институтот за јавно здравје.
Процентот на позитивни случаи од направените тестови во овој период изнесува 17,2% и е за 5% поголем во однос на претходната недела.
„Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст 30-39 (н=456, 20,3%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (н=440; 19,6%), 20-29 (н=414; 18,5%), над 60 (н=405; 18,1%) и 50-59 (н=343; 15,3%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (н=53; 2,4%) и 10-19 години (н=132; 5,9%)“, објаснуваат од ресорното министерство.
Во текот на минатата недела, од случаите кои се епидемиолошки истражени (н=1.347; 60,1%), регистрирани се 94 (7,1%) хоспитализирани, а кај 319 (23,7%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи, 513 (38,1%) имале контакт со потврден случај. Регистрирани се 22 (1,6%) лица со историја на патување (во последните 14 дена).
По добиени два негативни теста, како оздравени се водат 815 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 29 повеќе споредено со претходната недела.
– Пријавени се 31 смртен случај од 15 градови, за еден повеќе од претходната недела. Во однос на возраста, 26 лица биле над 60 години, а 4 лица на возраст од 50-59 години. Само едно лице е од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 24 починати лица – стои во соопштението.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје се објавува на неговата официјална интернет-страница.