Познати изведувачки имиња од Европа и од Македонија ќе одржат концерти во живо во салата на Националната опера и балет
Годинашниот 39-ти „Скопски џез-фестивал“ ќе се одржи во својот стандарден термин, од 14 до 17 октомври. Познати изведувачки имиња од Европа и од Македонија ќе одржат концерти во живо во салата на Националната опера и балет. Фестивалот ќе го отворат двете балкански ѕвезди, Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов. Од Македонија ќе учествуваат: специјалниот фестивалски проект на Тони Китановски и неговиот „Мал биг-бенд“, потоа триото на Сашо Поповски со концертна промоција на новиот албум, како и сосема новата формација на „Светлост + Одрон ритуал оркестра“. Од Шпанија доаѓаат водечкиот фламенко-гитарист Чикуело и не помалку реномираниот пијанист Марко Мезкида, од Австрија култните „Радиан“, од Хрватска пијанистот Матија Дедиќ, кој ќе одржи соло-рецитал со музиката на неговиот славен татко, а фестивалот ќе го затворат легендарните француски браќа Стефан и Лајонел Белмондо со својот квинтет.
За одржување на традиционалните врски на фестивалот со американските и со норвешките џез-музичари, кои овој пат не можат да патуваат надвор од своите земји, потврден е онлајн стриминг на три ексклузивни концерти што ќе се случат во Њујорк и во Осло, специјално за „Скопскиот џез-фестивал“: триото на Вилијам Паркер, со Ава Мендоза и Џералд Кливер, дуетот Крис Дејвис/Ингрид Лауброк и големиот ансамбл на Тригве Сеим.
Бесплатен онлајн стриминг ќе биде обезбеден за следење на сите концерти на фестивалот што ќе овозможи негова достапност во целиот свет.
Фестивалот ќе се реализира во согласност со протоколот за одржување концерти во затворен простор, што практично значи дека во салата на Националната опера и балет ќе бидат дозволени само 220 седишта.
Програмата на фестивалот годинава опфаќа и промоција на две нови ЦД-изданија на „СЈФ рекордс“: петтата албумска објава на триото на Сашо Поповски и првенецот на групата „Некст ту сајленс“. Во рамките на фестивалот ќе биде доделена и наградата „златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2020 година.