Последното избувнување на насилствата за регионот Нагорно Карабах на Азербејџан и Ерменија е најтешко од 2016 година наваму, каде што двете страни деновиве прогласија воена состојба
Ерменија и Азербејџан на работ од нов конфликт во Кавказ
По повеќе од четири години од последните немили случувања на територијата Нагорно Карабах, помеѓу Ерменија и Азербејџан, повторно се вратија тензиите во овој регион, каде што деновиве ескалираа со нов оружен судир, во кој има и цивилни жртви. Имено, како што пренесува Би-би-си, територијалниот спор помеѓу Ерменија и Азербејџан повторно еруптира преку најсериозни судири во последните неколку години, во кои деновиве загинаа најмалку 40 лица, додека двете поранешни советски републики веќе трет ден се борат за регионот Нагорно Карабах. Во таа насока, ерменските власти прогласија и воена состојба и општа мобилизација откако избувнаа судирите во регионот меѓу тамошните сепаратисти поддржани од Ереван и азербејџанските сили.
– Во Ерменија се прогласени воена состојба и општа мобилизација. Ги замолувам сите борбено способни граѓани да се појават во воените претставништва – напиша ерменскиот премиер Никол Пашинјан на Фејсбук. Тој исто така го повика населението да биде „подготвено да ја брани светата татковина“.
Претходно и властите во регионот Нагорно Карабах воведоа воено законодавство поради ескалацијата на конфликтот со Азербејџан. Ерменските медиуми објавија дека претседателот на непризнаената република Нагорно Карабах, Арајик Арутјунјан, објавил дека е воведено воено законодавство. Како што јавува Ројтерс, тензиите меѓу Ерменија и Азербејџан ескалираа деновиве поради наводни воздушни и артилериски напади на Азербејџан на ерменско тло, каде што, пак, ерменските сили возвратиле со уривање на два хеликоптера и три дрона. Во меѓувреме, судирите поттикнаа голем број дипломатски апели за прекин на огнот. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вети поддршка за Азербејџан, повикувајќи го светот да застане на страната на државата во нејзината „борба против инвазијата“.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази загриженост и ги повика двете страни да прекинат со воените дејства. Франција, во која живее голема ерменска заедница, исто така повика на прекин на огнот и на преговори, исто како и руското министерство за надворешни работи. А Иран, кој граничи со двете спротивставени држави, се понуди да посредува во мировните преговори. Американскиот претседател Доналд Трамп исто така кажа дека САД бараат начин за прекин на насилството. Турција има силни културни и економски врски со Азербејџан, додека Русија е традиционално блиска со Ерменија, иако во изминатите години создава врски и со елитата на Азербејџан. Згора, избувнувањето на насилството претставува закана за регионот, низ кој поминуваат значајни гасоводи и нафтоводи што ги снабдуваат меѓународните пазари, што дополнително ќе го привлече вниманието на светските сили.
Што е Нагорно Карабах?
Нагорно Карабах е територија во Јужен Кавказ, меѓународно признаена како дел од Азербејџан, но со најголемиот дел управува Република Арцах (порано наречена Република Нагорно Карабах). Азербејџан не спроведува политичка моќ над регионот од 1988 година. Од крајот на конфликтот во 1994 година, претставниците на властите на Ерменија и Азербејџан одржуваа, со повремени оружени пресметки, мировни преговори со меѓународно посредување. Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан околу Нагорно Карабах влече корени во одлуките донесени за време на советизацијата на Кавказ. По болшевичката окупација на Азербејџан, Ерменија и Грузија, советските власти ветија дека ќе ѝ го доделат Карабах на Ерменија, заедно со Накчиван и Зангезур (појасот на земја што го одделува Накчиван од Карабах).
Меѓутоа, за да ги смири амбициите на Турција, Советскиот Сојуз се согласи на поделба според која Зангезур ќе падне под контрола на Ерменија, додека Карабах и Накчиван ќе бидат под контрола на Азербејџан. Како резултат на таа одлука, автономниот регион Нагорно Карабах е основан како дел од ССР на Азербејџан на 7 јули 1923 година и оттогаш повремено се случуваат конфликти во кои стотици Азербејџанци, но и Ерменци, ги губат своите животи. Последниот од низата конфликти меѓу двете страни се случи во почетокот на април 2016 година.