Секоја несреќа не е несреќа. Во чести случаи причина за смрт на децата се небрежност на родителите, невнимание и несоодветно чување. Постојат бизарни случаи на загинување на деца поради невнимание на едниот или на двајцата родители
ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ЗА НЕСООДВЕТНО ЧУВАЊЕ НА НАЈМАЛИТЕ
Македонската јавност сѐ уште ја памети грозоморната несреќа кога три деца на возраст од четири, две и една година загинаа во пожар, откако родителите ги оставиле сами во домот подолго време. За овој случај велешкото обвинителство поднесе обвинителен акт за запуштање и малтретирање дете. Нивната мајка како родител не ги заштитила нивниот живот и здравјето што, според Законот за семејство, е нејзина должност. Нејзиниот партнер, пак, иако им бил очув на децата, сепак, бил должен да се грижи за нив бидејќи живееле заедно.
– Со тоа што ги оставиле сами во куќата обвинетите постапиле крајно несовесно и не воделе сметка за живот и здравјето на децата. Станува збор за деца што според својата возраст не можеле да се грижат сами за себе – беше наведено во обвинителниот акт на Обвинителството.
Статистиката на Центарот за контрола на болести на Соединетите Американски Држави покажува дека несреќите се најчеста причина за смрт на децата на која било возраст. Исклучок се децата помали од 12 месеци, каде што инцидентната несреќа се наоѓа на петтото место меѓу причините за смртност. Во 2018 година дури 1.168 бебиња починале како последица на несреќа. Сепак, секоја несреќа не е несреќа. Во многу случаи станува збор за небрежност на родителите, недоволна внимателност, несоодветно чување на децата плус одреден склоп на околности. Токму затоа доста често родителите заработуваат затворски казни. Јасно е дека родителите треба будно да внимаваат на своите деца, бидејќи иако тоа се нивни деца, тоа не ги прави имуни на законот и на последиците од нивната негрижа.
Кога станува збор за сообраќајна незгода, давење во вода или за паѓање, не е секогаш во прашање несакано случување. Кога овие несреќи се пријавуваат, вообичаено се третираат како несреќни случаи во САД.
Во Америка најчесто кривични пријави и затворски пресуди добиваат мајки затоа што децата се претежно со нив. Причина за санкциите се несреќи поради невнимание на мајките додека преминувале улица на небезбедно место за пешаци. Но и заборавањето на детето во автомобил за време на летните месеци е исто така доста честа причина за заработување затворска казна.
Па, така, една мајка заработила тригодишна затворска казна за убиство од втор степен, бидејќи со нејзините три деца преминувала улица на необележано место, односно на место каде што немало пешачки премин. Возачот на возилото што удрил во едно од нејзините деца, кое било на возраст од четири години, исто така заработил затворска казна.
Друга мајка заработила затворска казна затоа што нејзиното тригодишно дете влегло во комбе и починало како последица на жешкото време, откако таму останало заборавено цели два часа.
Тригодишно дете исто така починало откако неговата мајка заборавила да го однесе во градинка и го оставила во автомобилот повеќе часови.
Друга мајка, пак, заработила затворска казна, откако, по цели пет часа, конечно се сетила дека детето ѝ го нема, па кога почнала да го бара го пронашла удавено во базенот во куќата. Судијата на судењето во овој случај нагласил дека несреќа е кога мајката открива дека ѝ го нема детето само по пет минути, а не по цели пет часа.
Иако не толку често, сепак и татковците добиваат затворски пресуди како резултат на недоволно внимание во случаи кога детето завршило со фатални последици по животот. Еден татко и дедо заработиле кривична пријава за убиство од небрежност на четиригодишно дете, кое се удавило при превртување од кајак во река. Тие биле предупредени дека не смеат да кајакарат поради брзината на реката, но сепак го игнорирале предупредувањето. Освен тоа, пиеле алкохол и не му посветувале внимание на несреќното дете.