Генералниот директор на американската фармацевтска компанија „Фајзер“, Алберт Бурла, изјави дека веројатно ќе се знае до крајот на октомври дали е ефикасна експерименталната вакцина на „Фајзер“ против ковид-19, која е во фаза на клинички испитувања.
Си-ен-ен наведува дека Бурла изјавил дека степенот на веројатност тоа да биде познато до крајот на следниот месец е поголем од 60 проценти, но додаде дека не знае колку време ќе биде потребно за да вакцината добие лиценца од регулаторните тела.
Вакцината на „Фајзер“, изработена во соработка со германската биотехнолошка компанија „Бајонтек“ веќе се произведува, а Бурла посочи дека се произведени стотици илјади дози.
Тој рече дека бројот на луѓе кои ќе примат вакцина во рамките на третата фаза од клиничките испитувања ќе се зголеми од првично планираните 30.000 на 44.000 и дека старосната и расната структура на примателите на вакцина ќе биде проширена за да се зголеми обемот и веродостојноста на собраните податоци за нејзините ефекти.