Обвинителството отвори истрага против пет лица од Скопје кои се осомничени дека киднапирале и малтретирале едно лице со намера да го присилат сопствениот автомобил „масерати“ да го префрли на име на еден од осомничените.
Според сознанијата на Обвинителството, на 8 септември околу 22 часот, на автопатот Скопје-Тетово, на наплатната рампа кај село Глумово, по насоки на првоосомничениот и петтоосомничената, останатите тројца осомничени лица му го пресекле патот на оштетениот со возило „Ауди А3“ и физички го нападнале, удирајќи го со тупаници и клоци по целото тело.
Насилно го внеле во неговиот автомобил и го однеле на автоплац во селото Кондово во сопственост на првоосомничениот. Кога стигнале на плацот четворицата, во присуство на петтата осомничена, продолжиле физички да го малтретираат, удирајќи го со тупаници, клоци и со каиш.
Поради наводен долг од 20.000 евра тие го натерале оштетениот да влезе на совозачко седиште во автомобил „бмв Х5“ и го однеле во нотарска канцеларија во Тетово каде го присилиле да направи договор со кој неговиот автомобил „масерати“ го префрлил на име на првоосомничениот.
Двајца од осомничените се лишени од слобода и за нив е поднесен предлог за определување мерка притвор поради постоење опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, како и можност да го повторат делото.
По останатите тројца осомничени сè уште се трага.