Металург во денешниот дуел во Винковци ќе влезе со предност од седум гола од првиот меч во Скопје минатата сабота, во кој победи со 35-28
Имаме убава предност во пресрет на реваншот, меѓутоа тоа не треба да нѐ опушта. Напротив, сметам дека нѐ очекува сериозен реванш-натпревар, особено затоа што Спачва ќе биде мотивирана да одигра што е можно подобро во, за нив, историскиот прв европски натпревар во својата сала и пред својата публика, вели капитенот на Металург, голманот Даниел Дупјачанец, во пресрет на реванш-натпреварот денеска (од 19.30 часот) со хрватскиот тим Спачва во Винковци, во првото коло од квалификациите за пласман во новоформираната Лига на Европа.
Во денешниот дуел на гости, Металург ќе влезе со предност од седум гола од првиот натпревар одигран во Скопје минатата сабота, во кој победи со 35-28 (17-12).
– За нас натпреварот во Скопје е минато и наша единствена цел во денешниот меч е победа, која ни е потребна за да се зголеми самодовербата кај играчите и за создавање победничка атмосфера во пресрет на второто квалификациско коло и почетокот на домашното првенство – вели Дупјачанец.
Тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, за средбата денеска на располагање ќе ги има сите ракометари од првиот натпревар во Скопје, во кој најефикасен беше десното крило Златко Хорват со шест реализации, а на тој меч по пет пати погодија Марко Тарабокоја, Милан Поповиќ и Мартин Серафимов.