Брисел – Европската комисија не ги коментира протестите против Владата во Бугарија, но потсетува дека полицијата мора да го почитува принципот на пропорционална употреба на сила.
– Европската комисија одблиску ги следи протестите во Бугарија, ние го поддржуваме правото на мирен протест како темелно право. Иако прашањето на спроведување на законите е целосно национална компетенција, потсетуваме дека секоја употреба на сила мора да биде стриктно пропорционална – изјави Кристијан Виганд, портпаролот на Европската комисија за правда. („Алсат“)
Атина – Во рацете на Анкара е да одбере или практична деескалација или санкции, порача портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас, и повтори дека Грција е подготвена за дијалог, но не „дијалог под закани, обиди за уцени и провокации“.
– Турција, со провокативната реторика, работи како бељаџија и фактор на нестабилност во нашиот поширок регион. До оваа констатација стигнуваат и сите важни меѓународни фактори во Европа и во Америка – рече Пецас. Портпаролот на грчката влада истакна дека позицијата на Грција е јасна и се базира исклучиво на меѓународното и морското право и се стреми кон договори за одредување на морските зони со сите соседи, вклучувајќи ја и Турција. (МИА)
Бисер балкански
Политичар глумец
– Лечиќ, кој е исклучен од партијата, не учествува првпат во вакви претстави. Сите политички организации во кои тој ги играше таквите улоги завршија неславно: или целосно исчезнаа или станаа сателити на владејачките режими. Тоа нема да се случи со Демократската партија. Никакви избори во партијата не се распишани и никакво раководство нема да биде избрано – изјави Зоран Лутовац, за внатрепартиските превирања и обидот на српскиот глумец Бранислав Лечиќ да ја преземе раководната функција во партијата.
Во Демократската партија, која дејствува опозициски во Србија, продолжуваат судирите меѓу двете поделени групи, по исклучувањето на четворица високи функционери. Меѓу нив е Лечиќ, кој досега членувал во повеќе политички партии, а бил избран и за министер за култура.