Социолозите често коментираат дека најчесто политичката култура е по пирамида од лидерот, ако имате лидер што мисли дека со негативна кампања, со погрешна реторика може да го победи противникот и да ја обезвредни целата дебата, тогаш за политички дијалог и политичка култура не може да се зборува. Во контекст на актуелните случувања, за забележување е и фактот дека Балканот, но и Македонија воопшто не назадуваат од овој тренд
Државата е силна онолку колку што се моќни зборовите на нејзиниот водач. Оваа е една од попознатите максими на американскиот поет Валдо Емерсон на која можеби треба да се потсетиме во моменти кога најмоќната држава во светот влегува во изборна кампања за идниот шеф на Белата куќа.
Имено, во истражување на американската медиумска куќа Си-ен-ен, направено неодамна, се наведува дека терминологијата и речникот, кои ги користат кандидатите за иден претседател на САД, Доналд Трамп и Џозеф Бајден, во нивните говори за време на предизборната кампања, не ги задоволуваат основните критеруми за етика и политичка култура.
Во исчекување на првата дебата на претседателските избори во Америка, локалните медиуми во изобилство пишуваат дека при навлегувањето во финишот од трката за иден претседател, кампањата наместо со предлози и планови за иднина е оптоварена со афери, навреди, дофрлувања и најави за непризнавање на изборните резултати уште од сега.
Според телевизијата, покрај честото користење на коронавирусот во речникот на Трамп, тој во своите говори најчесто ги користел зборовите: „извршна“, „наредба“, како и „лаже“. Од друга страна, пак, Бајден во јавните излагања најчесто ги користел зборовите: „убаво“, „чесно“, „добро“, но и „невистина“. Во анализата телевизијата подвлекува дека кај Бајден, но и кај Трамп честопати провејувале и негативни зборови за опонентот.
Во меѓувреме остро ораторство и различната реторика не е нешто што им недостига на европските, но и на домашните лидери. Натписите на печатот и телевизиските прилози честопати знаат да ги фатат во фокусот на жестоката реторика и неофицијалните лидери на Европската Унија, Емануел Макрон и Ангела Меркел. Францускиот претседател Макрон за време на општинските избори во земјата во изјава за француски „Ле монд“ и за „Економист“, за да добие популарност кај гласачите, изјави дека „НАТО е клинички мртво“.
Францускиот претседател исто така не успеа да го одржи политичкиoт бонтон кога „жолтите елеци“ демонстрираа на улиците во Париз барајќи негова оставка. Слично како и Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел за време на конгресот на нејзината ЦДУ не избираше многу зборови кон внатрепартиските противници, кои ја критикуваа за политиката за бегалците. И кампањите за изборите во регионот, но и во Македонија изобилуваа со остри реплики што се на границата на добриот вкус и политичкиот бонтон.
Во тој правец социолозите често коментираат дека најчесто политичката култура е по пирамида од лидерот, ако имате лидер што мисли дека со негативна кампања, со погрешна реторика може да го победи противникот и да ја обезвредни целата дебата, тогаш за политички дијалог и политичка култура не може да се зборува.
Во контекст на актуелните случувања, за забележување е и фактот дека Балканот, но и Македонија воопшто не назадуваат од овој тренд.
Имено, во соседството жестоки битки со остри реторики за предавник и патриот имаше и во соседна Србија. Актуелниот претседател Александар Вучиќ за време на кампањата за неодамнешните парламентарни избори во земјата неколкупати се впушти директно во „сочна“ реторика со опозицијата обвинувајќи се меѓусебно дека се предавници, криминалци и лажговци.
Во нашата земја, пак, последната лавина неконвенционално изразување на политичарите беше регистрирана неодамна на социјалните мрежи, каде што лидер на политичка партија во негова објава дискредитира државна функција, што подоцна предизвика лавина реакции во јавноста.
Сепак, на крајот од денот во македонскиот плурализам се покажа и докажа дека во трката за гласови се заборавија политичката култура и бонтонот. Повеќе од две децении политички плурализам и практикување демократија, во Македонија сѐ уште политичката култура е „мислена именка“.
Она што во поголемиот дел од западните демократии е долгогодишна практика, во нашата држава сѐ уште како правило на востановено однесување, јавно вербално или писмено изразување, се игнорира.
Затоа почнувајќи од образовниот систем, преку медиумите, но исто така и кај самите политички партии треба да се дејствува за создавање политичка култура. Она што се наметнува како клучно прашање, е зошто политичките партии во текот на целокупниот свој ангажман или во текот на целокупниот политички живот воопшто не сакаат да посветат поголемо внимание врз политичката култура кај граѓаните, туку едноставно тие политичката коректност ја оценуваат само во предизборниот период од аспект на тоа дали граѓанинот ќе излезе да гласа или граѓанинот ќе апстинира.
Степенот на политичката култура, особено на политичките партии и луѓето што треба да ја одгледуваат политичката култура, не само што е на ниско ниво туку воопшто не се посветува внимание на тој проблем. Со самото тоа, граѓаните не можат да бидат посочувани дали поседуваат повисок или понизок степен политичка култура додека лидерите не ги научат лекциите по политички бонтон.