Поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски, е осуден на три години и шест месеци затворска казна за злоупотреби на АКМИС-системот, потврдија од судот во Велес.
Панчевски првпат се појави на судењето во велешкиот суд пред две недели. Инаку, на судењето на 10 јули откако Панчевски не се појави на судењето, судијата му одреди притвор и беше распишана потерница по него. По пет дена, на 15 јули, тој сам се пријавил во Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.
Панчевски е осуден за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.
Според обвинението, тој во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување.
– Обвинетиот со ставање на писмен „параф“ од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот. Со ваквите дејствија, обвинетото лице на странките во така распределените предмети потешко им го повредил правото на еднаков пристап пред судот во заштитата на нивните права и правно заснованите интереси – пишува во обвинението.