Помошник-директорoт на Институтот за јавно здравје на Црна Гора, Сенад Бегиќ, рече дека ќе помине уште некое време додека Црна Гора не ја отвори границата со Србија, пренесува РТЦГ.
– Ми се чини дека ќе помине уште некое време додека се отворат границите за да се овозможи проток на луѓе, стоки и услуги – рече Бегиќ на прес-конференција на Националното координативно тело.
Тој нагласи дека инфекцијата во Црна Гора е регистрирана кај туристи што подолго време се наоѓаат во земјата, но не и кај такви што се на покус престој од 7 или 10 дена.
Бегиќ посочи дека во Црна Гора нема недостиг на тестови за коронавирус и нагласи дека е тешко да се зборува или прогнозира за врвот на епидемијата.
– Направивме одредени модели и резултатите укажуваат на тоа дека сега сме на врвот или дека врвот веќе поминал – додаде тој, но, како што објасни, ова не се сигурни податоци.
Во Црна Гора денеска беа регистрирани 67 нови случаи на коронавирус врз основа на анализа на 608 примероци, како и двајца починати, а во Србија во последните 24 часа се забележани 372 новозаразени и седум смртни случаи.