Бујар Османи од ДУИ им се заблагодари на сите граѓани што решиле да гласаат во услови на пандемија.
– Сега кога гласачките кутии се затворени, да ги оставиме зад себе партиските интереси и да се обединиме за првиот премиер Албанец затоа што големото мнозинство Албанци го поддржуваат овој концепт – изјави Османи по затворањето на избирачките места.
Тој очекува голема изборна победа на ДУИ и концептот за прв премиер Албанец.
– Бројката на одзивот е силен знак за нашата демократија. Сакаме да им оддадеме почит на ДИК и на сите луѓе ангажирани на гласачките места, на набљудувачите и активистите. Сакам да изразам благодарност до сите наши илјадници активисти, кои се посветија со цела енерија во остварување на нашиот сон – изјави Османи.
Според него, тие ја оствариле својата изборна цел и ја довеле ДУИ во позиција да може да се избере првиот премиер Албанец.
– Им благодариме на сите граѓани што ни го дадоа гласот, ја прифаќаме оваа одговорност и ќе работиме напорно, ќе им служиме на граѓаните – рече Османи.
Тој очекува уште утре, по верификацијата на резултатите, веднаш да почнат разговори за формирање влада.