Деновиве се актуелни субвенциите за занаетчиите во Старата скопска чаршија, за да им се помогне во нивното опстојување и за зачувување на големата традиција на старите занаети, по кои Скопје е надалеку познато во светот. Сето тоа ме потсети на изреката на моите другари од детството што се занаетчии, а која ја наследиле од нивниот татко Ванчо Гиевски, мајстор за музички инструменти. Таа поговорка гласи: „Од занает никој не се збогатил, ама и не умрел од глад“. Колку само животна мудрост има во поговорката, бидејќи е исклучително долга традицијата на занаетите, на занаетчиската пот и мака. Во Архивот на Македонија постојат посебни регистри од скопската општина од втората половина 19 век. Тоа се извонредно интересни документи, кои се чуваат во посебно нумерирани кутии што се преведени од арапско односно персиско писмо, кое се употребувало тогаш. Овие документи изобилуваат со многу податоци за занаетите и еснафите во чаршијата, за нивните проблеми и начинот на работата. Колку биле присутни занаетите во тоа време откриваат и ваквите податоци во кои се спомнуваат голем број занаети чии имиња денес звучат необично и егзотично. И не само тоа. Некои занаети биле толку многу развиени така што имале и свои посебни чаршии. Значи, тие биле групирани во одредени улици и делови од чаршијата во кои купувачот можел полесно да ја разгледа и да направи избор на стоката што му била потребна.
Така, во овие документи се спомнуваат и следните чаршии во кои биле групирани занаетите. Видете какво е тоа богатство – Абаџилер и Туфекџилер чаршија, Демирџилер и Мутафџилер чаршија, Ат пазар чаршија, Капан и Сарачлар чаршија, Бојаџи и Лулеџилер чаршија, Касапска и Казанџиска чаршија. Љубопитниот читател денес ќе се запраша: зарем некогаш имало толку развиена изработка на лулиња, чибуци и наргилиња, за да постои цела чаршија наречена Лулеџиска? И многу други чаршии носеле такви егзотични имиња поради занаетите што тогаш биле познати, а денес не постојат. Истражувачите од крајот на 19 век ги наведуваат и следните занаети, а може веднаш да се забележи колкаво е тоа богатство: гајдари или гајдаџии, брдари (изработка на делови за разбој), бичкаџии, дукмекџии (производи од месинг), екмекџии (покрај леб продавале и симити, ќаии, ѓевреци), колари (изработување и поправка на модерни коли и фијакери), пајтонџии, опинчари (чаракчии), сандукчии (колепкари, изработувале колепки за новороденчиња), серкмеџии (прибор за риболов), тенеќеџии, сарачи, ќостекџии (ланчиња за часовници), ќерестеџии (изработување и продавање дрвена граѓа), ќумурџии, чумлекчии (земјени производи), алваџии и бозаџии, анџии, срмаџии, сапунџии (изработување сапуни и лојани свеќи). На набројувањето на занаетите му нема крај. Просторот кај улицата на ковачите се нарекувал – темна чаршија. И денес тој крај е познат под тоа име.
Според еден архивски документ од 23 јули 1869 година, чаушот на меанџиите од скопската општина доставил известување во кое се наведува дека во градот во тоа време имало 44 меани. Исто така, берберскиот еснаф доставил известување дека постојат 33 берберски дуќани. Ако се споредат берберските дуќани и меаните, бројот бил приближно ист. Денес бројот на меаните далеку го надминува бројот на берберите, кои се речиси реткост. Може да се проследи и еден ваков интересен податок за проблемите на занаетчиите во чаршијата од тоа време. Инспекторот од скопската општина, по име Мехмед Емин, на 31 октомври 1869 година, побарал затворање на дуќанот на берберот Печо од Ипекчилер (свиларската) чаршија сѐ додека не направи оџак за својот дуќан. Кафеџијата Саид од Бојали-ан бил парично казнет бидејќи дозволил во неговата кафеана да се игра табла. Постоеле околу 60 дуќани на кафтанџии, 40 дуќани на налбати, 20 работилници и продавници на сарачи, над 30 работилници од пушкарскиот (туфекџискиот) занает. Во втората половина на 19 век постојат повеќе податоци за бројот на занаетите во Скопје. Некои истражувачи сметаат дека во чаршијата постоеле шеесетина занаети, но таа бројка, сепак, се смета за многу мала. Челебија вели дека имало 2.150 дуќани што претставува импресивна бројка. Тој спомнува и еден многу карактеристичен податок: особено биле впечатливи чаршиите за продажба на памучни ткаенини, потоа оние што продавале свила и везови од свила, како и на оние што изработувале шатори или копчиња.
„Нивните дуќани се мошне украсени и според особен план изградени“, вели Челебија.
Само моќните занаети биле организирани во еснафи. Секој еснаф имал свој совет наречен „лонџа“, еден вид „управен одбор“, кој раководел со сите работи и ги решавал проблемите, со свој постојано вработен писар „ќаја“. Ако некој од занаетчиите бил во материјална криза, еснафот го помагал финансиски додека „не застане на нозе“. Најдолго во Скопје се задржале терзиските, кафтанџиските и папуџиските чаршии, заедно со дуќаните за преработка на кожа, бидејќи тие биле и најмоќните еснафи. Толкавиот голем број занаети со текот на времето барал и соодветно стручно образование. Интересен е податокот дека во втората половина на 19 век во Скопје било отворено познатото занаетчиско школо познато под името „Ислахане“, според кое името го добил и скопскиот градски парк. Во него се изучувале најразлични занаети. Според пишаните податоци, во него биле застапени столарскиот, папуџискиот и печатарскиот занает. Важело и за училиште на „убавите уметности“, бидејќи се изучувала и музиката.