На вчерашната ждрепка беше одлучено во четврт-финалето на ЛШ, од 12 до 15 август, во Лисабон, да се сретнат Аталанта – ПСЖ, Лајпциг – Атлетико, Реал или Манчестер сити – Лион или Јувентус и Наполи или Барселона – Челси или Баерн

ФУДБАЛ – ЖДРЕПКА

Можно е Кристијано Роналдо со Јувентус во четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) да се сретне со својот поранешен клуб, Реал Мадрид, со кого освои три титули првак на Европа, се разбира доколку двата тима ги поминат осминафиналните пречки.
На вчерашната ждрепка во седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА) беше одлучено во четврт-финалето на ЛШ, во дуелите што ќе се играат од 12 до 15 август, во Лисабон, Португалија, да се сретнат Аталанта – ПСЖ, Лајпциг – Атлетико, Реал или Манчестер сити – Лион или Јувентус и Наполи или Барселона – Челси или Баерн.
Претходно на 7 и 8 август треба да се одиграат реваншите од осминафиналето, Манчестер сити – Реал (прв меч 2-1), во Манчестер, Јувентус – Лион (0-1) во Торино, Барселона – Наполи (1-1) во Барселона и Баерн – Челси (3-0) во Минхен. Во четврт-финалето, потоа и полуфиналето (на 18 и 19 август) на два стадиона во Лисабон (Португалија) ќе се игра по еден натпревар, без публика. Финалето е предвидено за 23 август, на стадионот на Бенфика.
Поради пандемијата на коронавирусот, сезоната беше прекината по мечевите на 11 март, до кога од осминафиналето се комплетираа само четири дуели, по кои меѓу четирите најдобри екипи сезонава се пласираа ПСЖ, Атлетико Мадрид, Лајпциг и Аталанта. Сезонава ЛШ првпат ќе се доигра со финален турнир и првпат со единечни нокаут-средби (без реванши) во четврт-финалето и во полуфиналето. Турнирот со осум тима треба да се игра во Лисабон, од 12 до 23 август. Сите средби ќе се играат без публика. УЕФА на мечевите дозволи по пет замени на фудбалери за секој тим, плус дополнителна замена ако се играат продолженија. 


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Реал или Манчестер с. – Лион или Јувентус
2. Лајпциг – Атлетико
3. Наполи или Барселона – Челси или Баерн
4. Аталанта – ПСЖ
мечевите се од 12 до 15 август

ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 3
Победник 2 – Победник 4
мечевите се на 18 и на 19 август
ФИНАЛЕ
на 23 август
сите средби треба да се играат во Лисабон