Амбасадата на САД во Белград соопшти дека со внимание ги следи настаните во Србија. Од таму наведуваат дека се длабоко загрижени за насилството на протестите што се одржаа вчера и завчера во Белград и други градови во Србија.
– Осудуваме секаков вид насилство, вклучувајќи, како што нам ни изгледа, и координирани напади врз полицијата кои делуваат како да сакаат да испровоцираат претерана реакција, како и, се чини, прекумерна употреба на сила од страна на полицијата – пишува во соопштението.
Додаваат дека слободата на изразување и правото на мирно собирање се во основата на секоја демократија и дека Америка е земја која токму сега се соочува со предизвици во поглед на граѓанските протести и немири.
– Загриженоста и дебатата за суштината на овие работи во Србија и секаде во светот – за тоа како една земја да го сочува својот народ пред една од најсмртоносните пандемии на нашето време – се сериозна работа и мора да биде дел од смирена расправа на национално ниво. За да се покрене ваков дијалог во Србија, потребно е слободно медиумско опкружување и реформи во областа на владеење на правото – пишува во соопштението.