Епидемијата на ковид-19 повеќе не е со ист интензитет како во пролетта

Автор: Фердинандо Џулијано

Блумберг

Првиот бран на епидемијата на ковид-19 особено силно ги погоди богатите градови во Европа, меѓу кои Париз, Лондон, Мадрид и Милано. Вирусот ги косеше сите и не правеше разлика меѓу богатите и сиромашните.

Најновиот бран на зарази на континентот е многу поинаков. Новите случаи сега се јавуваат во дел од најсиромашните населби во Европа, каде што најчесто живеат малцинствата или доселениците што се евтина работна сила, која е од клучно значење за поддршка на економијата.

Ваквиот развој на настаните го поставува прашањето дали владите доволно реагираат за да се погрижат сите граѓани да ги почитуваат основните мерки за да се заштитат, и дали имаат средства да го сторат тоа. Исто така ги истакнува неуспехот на некои европски држави да им обезбедат на најсиромашните слоеви од општеството пристап до достоинствени услови за домување и да имаат корист од придонесите. Состојбата може да ризикува да се разгорат општествените и расните тензии ако доселеничките заедници се обвинуваат за ширење на вирусот.

Пет различни нови бранови на епидемијата во Европа раскажуваат слична приказна. Во Германија, властите ја ставија под карантин населбата Гитерсло во Северна Рајна-Вестфалија откако од коронавирус заболеа стотици работници во една од најголемите кланици во Европа. Тие главно беа ниско платени источноевропски доселеници кои живееја заедно во сместувачките капацитети за работници од фабриката. Месната индустрија на Германија успеа да ги заобиколи строгите правила за работни услови преку ангажирање на подизведувачи што мора да се промени во законодавството.

Во Велика Британија која полека се враќа во нормала, во Лестер, градот во регионот источен Мидленд, се затворија несуштинските продавници и неколку училишта на две недели. Лестер е рангиран на најниските 10 отсто во однос на најмали приходи во Англија. Во Италија, епидемијата зеде најголем замав во Ломбардија кој е еден од најбогатите региони во индустриската северна област на државата. Но во изминатата недела, градот Мондрагоне во близина на Неапол, на југот од земјата, забележа зголемен број на случаи во една висококатница каде што живеат бугарски доселеници кои се сезонски земјоделски работници. Мондрагоне е во првите десет отсто од италијанските градови каде што живеат најголем број доселеници и е на дното од оние десет отсто според приходите по глава на жител.

Нови кластери се појавија и во Грција и Португалија, државите кои досега успешно се справуваа со епидемијата. Новите случаи се јавија во области каде што живеат сиромашни доселеници особено од Африка.

За ваквите локализирани кластери постојат неколку објаснувања. Некои од доселениците можеби го донеле вирусот од земјите од каде што епидемијата сè уште не е под контрола. Посиромашните заедници имаат полош пристап до здравствени услуги, но и послабо ја разбираат сериозноста на вирусот и заштитата од него. Некои лица дури не сакаат да се тестираат или одбиваат да се лекуваат поради стравот дека ќе бидат ставени во карантин и ќе ги изгубат работните места. Во Мондрагоне во Италија, дел од тестираните избегале токму од оваа причина.

Владите во Европа плаќаат многу висока цена со година заради занемарувањето на овие заедници кои често се сметаат за евтина работна сила. Поради ова се јавуваат многу големи разлики во однос на образованието, работните можности и пристапот до домување и здравствена заштита, кои отсекогаш биле закана за просперитетот и општествената кохезија. Новиот коронавирус повторно ги разоткри овие нееднаквости, но овој пат како ранливоста на овие групи може да биде закана по јавното здравје.

Владите мора да го регулираат ова прашање. Тие мора постојано да ги информираат граѓаните каде најмногу се шири вирусот, но мора тоа да го сторат без да се наруши приватноста на поединците или цели групи да не се осудуваат, особено оние што се од најранливите категории. Владите исто така мора брзо да реагираат за да обезбедат здравствена заштита и поддршка каде што е потребна за да спречат изолираните случаи да прераснат во поголем проблем.

Превод: Билјана Здравковска