На Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург
- Рускиот претседател Владимир Путин порача во рамките на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург дека Русија е подготвена и расположена да преговара со Украина по мирен пат, врз основа на преговарачките рамки за кои се разговарало на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Енкориџ, Алјаска
Путин, за време на средбата со раководителите на меѓународни новински агенции во рамките на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, рече дека предлозите на Трамп за Украина би можеле да претставуваат основа за мировни договори.
Путин додаде дека тие предлози бараат компромиси и од Москва и од Киев, забележувајќи дека американскиот претседател е „искрено посветен на решавањето на кризата во Украина“.
Тој оцени дека Европската Унија може да помогне во решавањето на украинскиот конфликт.
-Верувам дека навистина, можеби Европската Унија би можела да помогне во пронаоѓањето решение. Тоа, според мене, треба да биде во рамките на договорите за кои разговаравме во Енкориџ. И украинската страна е добро свесна за тоа – рече Путин, одговарајќи на прашање на новинар.
Тој предупреди дека секој документ мора да го потпишат легитимни страни, вклучително и Украина, и дека тоа не е каприц на Русија.
-Има многу прашања, но ако дојдеме до потпишување документи, мислам дека, ако постои желба вооружениот конфликт да се заврши по мирен пат, а Русија тоа го сака, ќе најдеме лица кои ќе можат да го потпишат соодветниот документ – додаде Путин.
Тој потсети дека пред точно две години истекол мандатот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
-Пред две години, точно пред две години, во 2024 година, во мај, истече мандатот на господинот Зеленски како претседател. Сега, кон крајот на минатата година, почетокот на оваа година, многу се зборуваше за избори во Украина. Каде е сега тој разговор? Дали навистина ќе има избори или не? Ова е важно. Никој повеќе не зборува за тоа. Ако зборуваат, кога ќе го направат тоа?- рече рускиот претседател.
Тој додаде и дека нема потреба да се прекинат непријателствата за да започнат преговорите.
-Руските вооружени сили напредуваат секој ден. Секако, украинската страна би сакала да ги прекинеме борбите. Подобро е да не се запрат само тие, туку војната во целина — врз основа на компромисите за кои се разговараше во Енкориџ – истакна рускиот лидер.
Путин наведе дека, во случај на потпишување мировен договор со Украина, пораката на сите страни би можела да биде: „Фала му на Бога што сè заврши“.
Тој повтори дека Русија сака да го заврши конфликтот во Украина и оцени дека Киев не е подготвен за мировни договори.
-Но, судејќи според сè, пред сè врз основа на внатрешната политичка ситуација, мислам дека Киев не е подготвен за ова – рече рускиот лидер.
Според неговите зборови, главниот проблем со кој се соочуваат украинските вооружени сили е „катастрофален недостиг од човечки потенцијал“.
-Луѓето ги одведуваат со сила, нема мотивација, никој не сака да војува – рече Путин.
Тој наведе дека Русија целосно ја контролира територијата на самопрогласената Луганска Народна Република, како и повеќе од 85 проценти од територијата на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР), додека Украина, според неговите зборови, во моментов контролира помалку од 15 проценти од ДНР.
Како што наведе, Русија не се противи на економската интеграција на Украина во Европа.
Според неговите зборови, конфликтот во Украина произлегува од потиснувањето на „сè што е руско таму“.
-Во сржта на конфликтот лежи државниот удар во Украина и сузбивањето на сè што е руско таму, сузбивањето на значителен дел од населението на земјата што не ги призна резултатите од овој државен удар“, рече рускиот лидер.
Тој нагласи дека Русија никогаш не одбивала контакти со европските држави и дека за обновување на дијалогот е доволна иницијатива од европската страна.
-Ние не одбиваме контакти со претставниците на Европа. Доволно е да ја кренат слушалката и да се јават. Ако сакаат да дојдат, нека дојдат. Тие се тие што не сакаат – рече Путин.
Како што наведе, ако кој било во Европа сака да ги обнови контактите со Русија, може да го направи тоа.
-Ако некој смета дека би било соодветно да се оживее дијалогот со Русија, нека повели. Но, не знам кој ќе биде тој преговарач од европска страна – рече Путин.
Тој оцени дека поранешниот германски канцелар Герхард Шредер е личност на која може да ѝ се верува и потсети дека токму Шредер бил вклучен во изградбата на инфраструктурни проекти како Северен тек, за на германската економија да ѝ се обезбеди сигурно и евтино снабдување од Русија.
-И не е важно само тоа што имаме добар однос со него, туку и тоа што тој е човек кој се стреми кон националните цели на својата земја, а сепак, човек на кој може да му се верува – рече Путин и оцени дека Шредер е еден од најдобрите германски државници бидејќи, како што наведе, „има свој став и храброст да го брани“.
Истовремено, тој оцени дека изјавите на одделни европски и украински функционери за можен напад на Русија врз НАТО се бесмислени и провокативни.
-Која би била воопшто смислата за нас? Дали постои каква било причина за напад врз Европа и борба против НАТО? Едноставно е, реков дека тоа е бесмислица, но ми се чини дека тоа не е само бесмислица — тоа е намерна провокација за да се создаде закана која всушност не постои и населението на нивните земји да се принуди да троши повеќе пари за одбрана. Но, првиот чекор е плаќањето на режимот што ја презеде власта во Киев – рече рускиот претседател.
Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург се одржува од 3 до 6 јуни.
































