Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика рускиот претседател Владимир Путин да ја заврши војната, во отворено писмо објавено додека рускиот лидер им се обраќаше на медиумите на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.
Тоа следува еден ден по украинските напади врз рускиот град, пренесува Си-ен-ен.
-Сите гледаме дека Русите конечно почнуваат да се чувствуваат помалку удобно со оваа реалност — со фактот дека војната ѝ носи сè повеќе негативни последици на Русија – напиша Зеленски.
-Не им се допаѓа тоа што на вашата војна не ѝ се гледа крајот.
Украинскиот лидер рече дека Путин „редовно“ ги одложува роковите за заземање украински региони, особено Доњецк.
-И нема да го заземете ниту оваа година – рече тој.
Кремљ го видел писмото на Зеленски и Путин ќе биде информиран за него, објави руската државна агенција ТАСС, повикувајќи се на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој, исто така, рече дека ако Зеленски сака да се сретне со Путин, „може да дојде во Москва“.
Зеленски во писмото повтори дека негово патување во руската престолнина не доаѓа предвид.
Во меѓувреме, во Санкт Петербург, Путин рече дека предлозите на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната би можеле „да бидат основа“ за мировни договори, но дека би барале компромис од двете земји.
-Ние, генерално, се согласивме со тие компромиси. Треба само да ја убедиме украинската страна во тоа, и тоа е сè – рече тој.
-Но, генерално, верувам дека тие многу лесно би можеле да бидат основа за договори меѓу Русија и Украина и би можеле да стават крај на овој конфликт.
































