Подгорица – Црна Гора вчера на Меѓународната конференција во Брисел го отвори осмото последно поглавје во преговорите со Европската Унија, кое ги опфаќа заштитата од конкуренцијата и државната помош. Црна Гора ги отвори преговорите за членство со ЕУ пред осум години и досега ги отвори сите поглавја, а привремено ги затвори преговарачките поглавја 25 – наука и истражување, 26 – образование и култура и 30 – надворешни односи. (РТЦГ)

Атина – Грчката влада ќе донесе нов закон за јавни собири и протести. Тие ќе можат да се организираат откако претходно ќе бидат најавени кај надлежните органи, кои ќе дадат дозвола. Грчки владини извори коментираат дека целта на новиот закон е да се гарантира правото на протести, во согласност со конкретна институционална рамка без да се загрози општествено-економскиот живот. (МИА)

Љубљана – Словенечките истражни органи вчера спроведоа претреси на 11 локации за да соберат докази за сомнежите за корупција при набавката на респиратори и медицинска опрема, меѓу кои и во домот на министерот за економија Здравко Почивалшек. Ова претставува кулминација на двомесечната истрага, која почна по емитувањето на емисијата „Тарча“ на државната телевизија, каде што беа објавени документи и снимени телефонски разговори за наводен системски криминал при осуммилионската набавка на медицинска опрема. (РТВ)


Бисер балкански

Уморни од политички игри

– Политичките лидери да се откажат од игри и да работат за Албанците. Фактот дека политичката состојба се најде на врвот на списокот на загрижености покажува дека Албанците се уморни од политиката, тие сакаат решение и не сакаат да продолжи играта за тоа кој е виновен, едниот да го обвинува другиот. Сакаат да видат лидерите да работат заедно за доброто на народот. Сакаат владата да им понуди можност без страв и корупција да заработат пари и да обезбедат добар животен стандард. Албанскиот народ сака резултати а не навреди, сака визија а не поделби – изјави Јури Ким, американската амбасадорка во Тирана, на презентацијата на индексот за деловни активности во 2019 година, која особено се задржа на борбата против корупцијата „еден од критериумите што го спречува доаѓањето на американските инвестиции“.