Координаторот на Секторот за државни реформи во косовската влада, Бесник Тахири, синоќа ипорача на Србија дека поделба на Косово нема да се случи и дека за Белград е најдобро што поскоро да ја прифати таа реалност, јави дописникот на МИА од Приштина.
Реакцијата на косовскиот владин функционер уследи по изјавата на српскиот министер за одбрана Александар Вулин, кој рече дека е „песимист што се однесува на постигнувањето можен компромис меѓу Косово и Србија во Брисел“.
– И Вулин, како и секој друг владин функционер во Белград, треба да сфатат дека времето на „компромисот“ е поминато и дека сега треба да ја прифатат реалноста. А реалноста е следната: Косово е признаено од повеќе од 100 држави во светот и веќе 19 години ја имаме добиено слободата, а поминаа и 10 години од прогласувањето на независноста – напиша Тахири на Фејсбук.
Во одговорот на коментарот на Вулин, кој е актуелен министер за одбрана, а претходно беше директор на Канцеларијата за Косово во српската влада, Тахири порача дека „сиот политички систем и институционалниот поредок на Косово се независни“ и дека „пред повеќе од една деценија Контакт групата ги претстави трите принципи“ за решавањето на косовското прашање.
Овие три принципи, како што напиша Тахири, се „прецизни и многу јасни“: Решението на статусот на Косово треба да ја консолидира регионалната безбедност и стабилност; Нема да има поделба на Косово; нема да има обединување на Косово со некоја друга држава.
– Секој обид за враќање во јавниот дискурс на зборот „компромис“ е промашување и е со намера да се произведе политичка магла – напиша косовскиот владин функционер, додавајќи дека Белград „го користи зборот компромис за да ги смири страстите внатре во Србија“.