Сите шпекулации и лажни обвинувања кон мене во случајот „Пациент” завршија, пишува на социјалните мрежи вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.
– Вистината конечно стигна до правдата. Онака како што постојано тврдев, по разгледување на сите приложени докази, Јавното обвинителство ја заклучи истражната постапка и оцени дека нема ништо незаконско во моето работење. Сакам да им се заблагодарам на моите најблиски, на мојата фамилија, на моите пријатели за довербата која ја имаа низ целиот овој период. Благодарност и за моите колеги, моите соработници за внимателноста и трпението со кое ми оставија и простор и време за да ја докажам мојата правда и мојата правичност – пишува Османи.
Османи пред околу две години беше осомничен во случајот „Пациент“ на Специјалното јавно обвинителство. Овој случај беше отворен поради наводна злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапки по јавни набавки за извршување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ државата, кои се однесуваа на период додека Османи раководел со Министерството за здравство.
– Од доказите произлегува дека осомничените членови на комисијата, го фаворизирале понудувачот ГБС – Благоевград, и покрај тоа што знаеле дека овој понудувач не ги исполнувал условите од тендерската документација, односно не ги поседувал потребните овластувања за инженерите за изведба, а во предмер пресметките кои се составен дел на понудите, не направиле ниту точен збир на податоците, поради што не утврдиле дека понудата на Ингра Загреб е за 637.303,00 денари поевтина од онаа на ГБС Благоевград. Иако сето ова му било познато и на министерот за здравство, тој не го одбил предлогот туку донел решение и ја избрал понудата на ГБС Благоевград како најповолна, и покрај тоа што вредноста на понудата е поголема од проценетата вредност по јавната набавка и на правниот субјект му овозможил имотна корист во износ од 21.604.150,59 денари – наведоа СЈО пред две години кога го објавија случајот „Пациент“.