Процентот на новозаболени лица од ковид-19 во Македонија е ист како вчера, ако се направи компарација меѓу направените тестови и регистрираните позитивни случаи.
Имено, вчера беа регистрирани 185 новозаболени на направени 1.364 тест што е 13,5 отсто од тестираните.
Денеска се потврдени 101 нов случај на заразени на направени 776 тестови, а тоа е 13 отсто од тестираните.
Во денешната статистика не се вклучени податоците за тестираните во болницата „Систина“, бидејќи не биле стигнати во ИЈЗ до праќањето на извештајот, нагласија од Министерството за здрасвтво. Доколку стигнат, овие лица ќе бидат внесени во утрешниот извештај.
Охрабрувачки е тоа што бројот на смртни случаи денеска е значително помал во споредба со вчера. Вчера починаа 11 лица, а според денешните податоци во изминатите 24 часа починале 5 лица.
Викендов излекувани се 63 пациенти.
На Инфективната клиника за два дена се хоспитализирани 14 пациенти, од кои 9 вчера, а петмина денеска. Со тоа, вкупната бројка на хоспитализирани на Инфективна изнесува 95 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“, викендов се примени 29 лица, а вкупно таму лежат 133 лица. Во болницата во Битола се хоспитализирани 35, а во болницата во Штип – 18 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 81 пациент – позитивни и сомнителни на ковид-19.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 5.106 лица, а 2.942 се водат како активни случаи.