Во текот на овие неколку месеци принудно седење во изолација поради моменталната ситуација со пандемијата, речиси за најголемиот дел од нас, Нетфликс претставува секојдневна забава и бегство од реалноста, но и начин да нурнеме во светови драстично поразлични од нашиот. Таков пример нуди мини-серијата од четири епизоди „Неортодоксна“, која веќе подолго време котира високо на листата на најдобри и најгледани серии на оваа стриминг-платформа.
Американско-германската мини-серија претставува адаптација на автобиографијата на Дебора Фелдман, „Неортодоксна: скандалозното одбивање на моите хасидски корени“, во режија на Марија Шрадер, и нѐ запознава со потресната приказна на една млада хасидска Еврејка, Ести (Шира Хас), која се обидува да го напушти својот сопруг Јенки (Амит Рахав) и да избега од екстремистичката религиска заедница во Бруклин и хасидската група Сатмар, наедно барајќи начин да се пронајде себеси и да ги реализира своите потиснати желби, како длабоката страст кон музиката.
„Неортодоксна“ нуди веродостоен приказ на начин на живот сосема незамислив за најголемиот дел од модерното општество. Во овие четири епизоди, преку искуствата на Ести, нејзината фамилијарна историја, начинот на запознавање со нејзиниот иден сопруг, самата свадба и траумите што доаѓаат подоцна, публиката се запознава со традицијата, социјалните односи и строгите правила на оваа заедница. Ести е третирана како сирак, затоа што нејзиниот татко е алкохоличар, а нејзината мајка е сосема отфрлена од семејството затоа што е лезбејка. Хасидските Евреи ги одбиваат асимилацијата, технологијата и модернизирањето, истакнувајќи ја важноста на нивната историја и традиција, која мора да се почитува по секоја цена, нештата мора да се одвиваат онака како што се одвивале секогаш, корените мора да се зачуваат и страдањето на Евреите не смее да се заборави никогаш.
Младите луѓе немаат пристап до интернет и модерна технологија, ниту пак им е понудено квалитетно образование. Повеќето од нив се манипулирани за да бидат заплашени и да останат настрана од сѐ што е неприфатено од нивната религија и традиција. Пред свадбата, главите на невестите се бричат комплетно, како потсетување на она што Евреите го искусувале во концентрационите кампови за време на Втората светска војна. Жените потоа носат перика цел живот, а остатокот од нивното постоење се сведува на извршување домашни обврски, задоволување на потребите на мажот и репродукција, како една од најважните цели на оваа заедница.
На Естер, како членка на оваа заедница, не ѝ е дозволено ниту да создава музика, па таа тајно посетува часови за пијано. По извесен период по нејзината свадба и неколку неуспешни обиди да забремени, кога тоа конечно ќе се случи, таа решава да избега од дома, продавајќи го својот накит за да купи билет за Германија во еден правец и да ја пронајде мајка си.
Оттаму ја следиме нејзината трансформација. Чувството на слобода, запознавањето нови и различни луѓе, обидот да се запише на музичка академија и сите оние моменти на учење нови нешта, согледување на сите претходни лаги, и едноставниот потег на вадење на периката, кулминираат во новиот глас на Ести. А очајниот обид на семејството да ја пронајде во Берлин и да ја врати назад, пак, завршува исто така со неочекувана трансформација на нејзиниот сопруг, кој како и таа претставува жртва на својата заедница.
„Неортодоксна“ е трогателна приказна за траумата и за потрагата по нов живот, прекрасно режирана серија, која буди интерес, лесно го задржува вниманието и се гледа во еден здив. Оваа серија се обидува преку детален приказ на начинот на живот на хасидските Евреи и ликови, кои зборуваат на јидиш, да го доближи нивниот свет до нашето „нормално“ секојдневие. Сепак, оваа контроверзна серија наиде на негативни коментари и критики од страна на одредени луѓе, особено од членови на еврејски заедници, кои почувствуваа потреба да истакнат дека серијата не е комплетно веродостојна, и да го критикуваат фактот дека „Неортодоксна“ ги прикажува само негативните аспекти од овој начин на живот, игнорирајќи го фактот дека постојат огромен број луѓе што се сосема среќни во овие заедници.
Но без разлика на тоа дали оваа серија совршено и прецизно ги претставува сите детали, фактот дека е базирана на автобиографија, и фактот дека постојат луѓе со трауматични искуства, остануваат.
Дали „Неортодоксна“ ќе наметне негативен став кон овој начин на живот, религија и традиција, сепак останува избор на гледачот, додека, пак, нешто за што досега не беше забележан судир на ставови е феноменалната изведба на младата израелска актерка Шира Хас. Краткиот формат на серијата претставува вистинско освежување и е одличен начин да се запознаеме со свет поинаков од нашиот, за кој голем дел од модерното општество не е ниту свесен дека сѐ уште постои во формата во која постои.