Наградите „прајмтајм еми“, еден од најголемите настани во календарот на шоу-бизнисите, ќе се одржат во септември, како што беше планирано со домаќинот на церемонијата, Џими Кимел, соопшти телевизиската куќа Еј-би-си.
ТВ-мрежата, дел од компанијата „Волт Дизни“, не откри детали за тоа како ќе се одвива шоуто на кое се доделуваат највисоки почести за најдобрите од телевизиските проекти.
– Не знам каде и како ќе го сториме тоа, па дури и зошто го правиме тоа, но подготовките се во тек и јас сум домаќинот – рече Кимел.

Наградите „еми“ обично се одржуваат во живо во Лос Анџелес пред публика, а sвездите од таканаречената А-листа поминуваат на црвен килим. Не е јасно дали церемонијата ќе се случи порано оваа година, поради ограничувањата на големи собири и препораките за физичко дистанцирање.
Во соопштението стои дека дополнителни детали ќе бидат објавени наскоро. Сценаријата што се разгледуваат вклучуваат комплетно виртуелен настан или комбинација на однапред снимени сегменти и онлајн настапи, според холивудското списание „Варајети“.

Од средината на март, пандемијата на коронавирусот ја прекина продукцијата на телевизиски емисии и филмови низ светот и доведе до откажување на филмските фестивали и концерти во живо.