Потребна е храброст

Уметничкиот свет полека се враќа во живот. Иако голем дел од Велика Британија останува во карантин, водечките комерцијални галерии во Лондон повторно ќе се отворат следната недела. „Вајт кјуб“ ќе го отвори својот простор во Бермондзи, додека, пак, „Гагозијан“ подготвува три нови изложби низ своите локации во Лондон. Другите галерии што се отворија се: „Кристеа Робертс“, „Хаузер и Вирт“ и „Галери Тадеус Ропак“, пишува „Гардијан“.

Во борбата против ковид-19, како во војна, сите ние потиснавме некои основни и очигледни факти во интерес на поголемо добро. Едно од нив е едноставната вистина дека, колку многу енергија и генијалност да влегуваат во организирањето на онлајн алтернативите на живото присуство на уметноста, виртуелните изложби никогаш нема да бидат доволно спектакуларни. Тие се, за жал, незадоволителна замена за вистинската работа. Па затоа, колку побрзо заврши овој период на неизвесност толку подобро. Уметноста е физичка и сензуална активност што се случува во реалните простор и време, а изложбите се авантури. Тие се настани во светот што не може да се реплицира пред вашиот компјутер.

Тогаш, како се отвораат комерцијалните галерии кога сите јавни музеи и галерии остануваат затворени? Тоа е капитализмот. Овие се големи бизниси. „Вајт кјуб“ на Џеј Џоплинг и лондонскиот простор на австрискиот дилер на уметност Ропак, се соочија со сериозна загриженост, тие треба да го платат персоналот, нивните канцеларии треба да работат и да остварат профит. Овој бесконечен економски нагон ја направи уметноста најлуда и најнепредвидлива сфера на британската култура уште од 1990-тите години. Сега истото сурово комерцијално сечило, кое ги збогати Дамијан Хирст и Трејси Емин, повторно напаѓа.

Од галериите велат дека тие ќе спроведат строго физичко растојание. Посетителите ќе мора претходно да ја закажат својата посета, а бројот на изложби ќе биде строго ограничен. Исто така, потребно ќе биде носење маски. Овие правила ќе оттурнат некои случајни посетители. Тие се добро приспособени на вистинскиот бизнис на уметничките дилери, продажба на современа уметност на колекционерите. Но тоа и не е толку голема промена во уметнички свет. Наспроти митовите, приватните галерии ретко привлекуваат големи толпи, освен ако не изложуваат дела на особено познати уметници.

Многу современи уметнички дела се огромни и некои од просторите се подготвени повторно да се отворат. Нема да биде тешко контролираниот број посетители да се држат настрана едни од други во „Вајт кјуб“. Но помалите простории, како што е галеријата „Томас Ден“, веројатно ќе мораат да бидат построги во однос на тоа колкав број посетители ќе примат и како ќе го контролираат нивното однесување.
Па, што е тоа што ги спречува државните музеи и галерии да се отворат? Еден очигледен одговор е дека музеите имаат многу поголем број посетители од која било комерцијална галерија. Само мал дел од посетителите на „Тејт модерн“ некогаш прават кратки тури низ Бермондзи до „Вајт кјуб“.

Не е ниту лесно да се замисли физичко растојание во Британскиот музеј. Државните музеи може да станат жртви на сопствениот успех. Пред триесет години, тие не се сметаа за популарни места и голем број од нив остануваа долго време непосетени и запоставени. Сега, истиот уметнички бум што му ја даде на Лондон неговата динамична галериска сцена, ги претвори музеите во места за масовна забава, кои имаат потенцијал да бидат исто толку ризични за посета како пабовите или фестивалите.
Комерцијалниот сектор нуди брутално едноставен пат напред: систем на закажување посети и ограничувања на бројот на посетителите. Најполни соби во музеите имаат тенденција да бидат оние каде што се поставени привремени изложби. Па, можеби постојаните колекции би требало да се отвораат први, додека пак на изложбите да им се остави повеќе време? Најчесто, колекционерските галерии нудат многу повеќе простор, а некои соби можат да останат речиси празни.

Друг пристап би можел да биде отворање потивки, помалку популарни музеи. Наместо „Тејт модерн“ и „Националната галерија“, можеби би било добра идеја да се отворат Уметничката галерија на Вокер во Ливерпул, музејот „Фицвилиам“ во Кембриџ или, пак, лондонската колекција „Волас“. Во нив и онака никогаш не се создава и нема ниту да се создаде голем метеж. Уметноста бара да биде видена – во живо, а не на компјутерски екран. Културата треба да биде повторно отворена. Луѓето ја губат работата, нивната егзистенција е загрозена, а креативноста уништена. Потребни се малку храброст и решителност за да се спаси уметноста.