Го пишував овој текст во пресрет на 117-годишнината од убиството на Гоце Делчев, со намера да му оддадам неизмерна почит кон неговото импресивно дело за македонскиот народ и Македонија. Последните две-три години, великанот Гоце Делчев е предмет за распродажба заедно со неговото големо дело, кое го направил за време на неговиот краток живот.
Ова ме потсети на една приказна што дедо ми Богоја ја раскажуваше кога бев мал и ми објаснуваше како еден човек може да страда, за време на животот а и по него. Имено, во селото имале еден Македонец кој секогаш бил малтретиран од тогашните властите и од предавниците. Човекот бил многу мачен и во маки го напуштил светот. Откако бил погребан, некои дечиња, по неколку години, без да знаат, му го откопале черепот и почнале со стапови да удираат и да играат со него. Го тркалале, сѐ додека не ги забележал некој човек, кој го зел и повторно го закопал некаде.
Оваа приказна ме потсетува на судбината на Гоце Делчев за време на неговиот живот и по неговата смрт. Познато е што сѐ правел Делчев за да спасува глава од властите, но и од кодошите. За наша среќа, Гоце бил исклучително паметен, тој бил стратег и визионер, па вешто ги избегнувал сите несакани настани.
Но, за жал, на четврти мај 1903 година бил предаден на турскиот аскер и во селото Баница бил убиен. Димо Хаџи Димов, кој бил со Гоце, вели дека петнаесет часа го бранеле смртно погодениот Гоце, никако не дозволувајќи аскерот да се приближи. Мртвото тело на Делчев било препознаено од мајорот Хусеин Тефиков, негов школски другар од военото училиште во Софија. Мајорот Тефиков наредил телата на Гоце Делчев и на Димитар Густанов да се однесат во Сер, но стигнала нова наредба од Солун – телото на Гоце Делчев да се погреба во Баница. Таму и бил погребан под брестовите, на ливадата покрај селските гробишта.
По три години, во 1906 година, на Ѓурѓовден, Михаил Чаков и Атанас Даскалов-Таската, кои биле до Гоце кога бил убиен, решаваат да ги откопаат коските на Гоце Делчев и да ги скријат од непријателите, особено од грчките чети. Но при барањето на останките, тие забележале дека градниот кош на Делчев бил останат цел. Затоа одлучиле да ги земат само главата и рацете. Некој од четниците тивко рекол: „Срцето на Делчев не сака да ја напушти Македонија“. Михаил Чаков ги однел тие делови на Гоце кај дедо му Никола Мутавчиев, клисар во црквата. Коските на Делчев три дена биле чувани во спирт (ракија) и потоа ставени во ковчег.
Со овој чин почнува голготата на останките на Гоце Делчев. Во 1908 година дедото на Чаков повторно го откопува гробот на Делчев и ги зема градните коски и нозете на Делчев и со главата и рацете ги става под алтарот во црквата во селото Баница, каде што сметале дека е најсигурно место да се чуваат. Таму коските тајно ги чувале десет години.
Во текот на Првата светска војна, Михаил Чаков учествувал со неговата чета до 1917 година. Поради болест се враќа дома и испраќа абер преку своите пријатели до дедо му Никола Мутавчиев, за да ги земе моштите и да ги однесе кај него. Никола ги собрал останките во торба и тргнал со воз од Сер. Меѓутоа, во возот му ја одзеле торбата на Никола, мислејќи дека има злато. Но кога виделе дека се коски од човек, торбата ја фрлиле од возот. Никола барал по секоја цена да слезе и молел за помош. Клисарот слегол од возот и тргнал во спротивен правец на железницата за да ги бара. По долго барање, ја нашол торбата со коските на Делчев фрлена во некоја ливада.
Голготата и натаму продолжува. Од Баница, останките стигнале кај Михаил Чаков дури во 1919 година, по завршувањето на Првата светска војна. Чаков живеел тогаш во гратчето Ксанти, кое се наоѓа во подножјето на Родопите. Со повторната поделба на Македонија, ова гратче ѝ е доделено на Грција и поради тоа Чаков заминал во Пловдив.
Но тажната одисеја со останките Гоцеви и натаму траела. Чаков и неговата сопруга го пренесувaaт реликвеното сандаче во новиот дом во Пловдив. На 2 август 1923 година, по повод дваесетгодишнината од Илинденското востание, изнесени се коските на Гоце Делчев за оддавање почит во црквата „Св. Недела“. Таму стојат десет дена. Потоа се ставени на таванот од црквата, каде што се чуваат додека да се пренесат во домот на македонската организација „Илинден“, која се наоѓала во Софија. По краток период биле пренесени во македонскиот дом и биле прифатени од Илинденците, кои направиле специјален саркофаг. На саркофагот се заколнале и напишале: „Ги заколнуваме поколенијата, овие свети мошти да бидат погребани во главниот град на независна Македонија“.
На 6 октомври 1946 година, голготата на останките на Гоце Делчев продолжува, но се наѕира трајното почивалиште на големиот македонски син и деец. Ковчегот со коските на Делчев да се однесе во главниот град на независна Македонија. И од Софија патуваат преку Пиринска Македонија, низ градовите Сандански, Благоевград, Неврокоп и Петрич. Илјадници Македонци излегувале да му се поклонат на великанот Делчев. Од Петрич моштите биле префрлени во Струмица, а потоа во Скопје, главниот град на Македонија. На десетти октомври 1946 година, конечно голготата на коските на Гоце Делчев завршува. Саркофагот со останките на великанот е положен во дворот на црковниот храм „Св. Спас“, во метрополата на слободна Македонија.
Вечна слава!
Д-р Ицо Најдовски-Перин