Нискобуџетската авиокомпанија „Визер“ денеска ги обнови летовите од Сараево, а еден ден претходно и од Тузла, со што повторно го воспостави цивилниот воздушен сообраќај од Босна и Херцеговина по укинувањето на ограничувањата наметнати поради пандемијата на коронавирусот.
По двомесечното прекинување на сите операции поради ограничувањата, унгарската компанија со посебни мерки го почна своето работење од Сараево и Тузла.
Воспоставени се летови од Сараево до Будимпешта и од Тузла до 15 дестинации во земјите членки на ЕУ.
На сите летови преземени се дополнителни мерки за хигиена, вклучително и физичка дистанца во авионите. Екипажот и патниците мора да носат заштитни маски за време на летот, а кога тоа го дозволува факторот на оптоварување на авионот, екипажот го обезбедува растојанието меѓу патниците на седиштата.
И „Кроација ерлајнс“ најави повторно воспоставување на летовите од Сараево по редуциран распоред.
Аеродромот во Бања Лука најави отворање на 5 јуни, а Мостар сè уште нема конкретни планови.