Раководството на Македонскиот полициски синдикат во периодот кој што измина на повеќе наврати од министерот Чулев покрај низата барања, бараше на сите вработени во Министерството за внатрешни работи поради посебен допринес во борбата со ковид-19, да им се исплати награда во висина од најмалку една просечна плата.
– Министерството не го прифати нашето барање при што нелогично за нас самостојно излезе со барање до Владата за донесување на Уредба со законска сила според која на секој вработен во Министерството за внатрешни работи да му се исплати награда во висина од 15.000 денари. Денес по изјавата на министерката за Финансии се обелодени дека МВР ги нема и тие парични средства односно нема парични средства за исплата и на 15.000 денари награда на секој вработен и дека со ребалансот на буџетот нема побарано финансиски средства за оваа намена. За нас како единствен репрезентативен синдикат на полицијата сумата од 15.000 денари е потценувачка и омаловажувачка поради што од министерот бараме под итно да изнајде начин и парични средства и на сите вработени во МВР да им се исплати парична награда во висина од најмалку 25.000 денари – се вели во соопштението.
Македонскиот полициски синдикат се надева и на јавна поддршка на ваквото барање, како што наведува, од причини што „сите граѓани се свесни за жртвата и посветеноста на припадниците на Министерството за внатрешни работи во насока на зачувување на здравјето, имотот на граѓаните и јавниот ред и мир во овој период на владеење на светска пандемија од вирусот ковид-19.
„Ги охрабруваме сите вработени во Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Управата за финансова полиција да продолжат со посветеното и пожртвувано извршување на своите службени задачи, а на Македоскиот полициски синдикат да ја остават борбата за сите нивни права од работен однос со надеж дека во најкус временски период ќе ја добиеме наградата од најмалку една просечна плата“, се додава во соопштението.