Германија и Франција сакаат заеднички да се борат со последиците од економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирус, а за таа цел е предвиден фонд од 500 милијарди евра, изјавија германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.
– Корона-кризата бара вонреден и заеднички напор, а Германија и Франција се подготвени за тоа – рече германската канцеларка на прес-конференција во Берлин по средбата преку видео-врска со францускиот претседател, Макрон.
Сумата од 500 милијарди евра би била издвоена дополнително, покрај постојниот долгорочен финансиски план на Европската унија и ќе биде посебно исплаќана на земјите-членки кои се особено погодени од пандемијата.
Како што беше истакнато, ова е финансиска помош, а не заем. Европската комисија оваа сума треба да ја финансира преку заеднички обврзници.
Како што истакна Меркел, овој заеднички фонд треба смело и привремено да се бори за излез на европската економија од рецесија.
– Нашата цел е јасна. Европа ќе ја надмине оваа криза и заеднички ќе излеземе посилни – рече Меркел.
И таа и Макрон истакнаа дека Европската унија исто така мора да прибегне кон итни мерки во оваа вонредна состојба.
Францускиот претседател посочи на потребата од зајакнување на надлежностите на ЕУ во однос на здравствената политика.