За електронско гласање се потребни сериозни подготовки, кои бараат поголем временски период, а во вакви услови на неодреденост и неизвесност на самиот датум за одржување на изборите, речиси е невозможно да се реализираат и од технички аспект, велат од ДИК
Помина повеќе од еден месец од првично договорениот термин (12 април) за одржување на предвремените парламентарни избори, а деновиве во очекување сме и на ставот на здравствените власти за тоа дали и какви се ризиците по здравјето на гласачите при продолжување на изборните активности.
Последната лидерска средба кај претседателот Пендаровски не донесе усогласен став за датумот за одржување на изборите, но и понатаму (како и при одложувањето на изборите), лидерите останаа на заедничката позиција дека примарен интерес е јавното здравје, односно изборите не смеат да ја загрозат здравствената безбедност на граѓаните. И токму таквата здравствено-безбедносна позиција повторно ги активира размислувањата за можноста изборите да се спроведат по електронски пат. Може ли Македонија да спроведе една таква операција со која ќе бидат отстранети сите здравствени ризици, но истовремено ќе се запазат и обезбедат и максимални гаранции за веродостојноста, безбедноста, легитимитетот на гласањето и ќе нема ниту најмало сомнение за можна злоупотреба од какво било вид?
– Кога би можеле електронски да ги спроведеме изборите, тоа би било одлично, но пред сѐ треба опозицијата да се согласи со таков модел на гласање. Во земјите во кои се гласа на ваков начин, тоа прво се усогласува со закон, а опозицијата потврдува дека власта и државните органи што ги спроведуваат изборите тоа го направиле доволно безбедно, сигурно и фер за сите партиципиенти на изборите – ја спомена идејата лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во едно медиумско гостување.
Идејата за електронско спроведување на изборите воопшто не е нова во Македонија (а во светот постојат веќе и одредени искуства), но поради други хронични изборни предизвици за заштитата на правото на глас, сепак, не се преземале некои поконкретни чекори во таа насока. Сега поради здравствената безбедност на учесниците во изборниот процес, но и поради (не)извесноста околу терминот на одржување на изборите, електронската опција им се чини повеќе примамлива на политичките фактори. Што мислат во ДИК за ова.
– Во оваа ситуација далеку сме од можноста за спроведување квалитетни и кредибилни избори по електронски пат. Пред сѐ, во сегашните услови, како Државна изборна комисија не можеме да ја гарантираме заштитата на гласачкото право „еден човек – еден глас“ при електронско гласање, зашто сѐ уште немаме дигитален потпис од сите гласачи. Првиот предуслов за електронско гласање е обезбедување електронски потпис од сите гласачи забележани во избирачкиот список (околу 1.800.000 гласачи). Покрај тоа, немаме систем доволно заштитен од хакирање, особено што пред некој ден имавме случаи на хакирање на системите на државни институции од странство. За електронско гласање се потребни сериозни подготовки, кои бараат поголем временски период, а во вакви услови на неодреденост и неизвесност на самиот датум за одржување на изборите, речиси е невозможно да се реализираат и од технички аспект – вели Оливер Дерковски, претседателот на ДИК.
Според Дерковски, ако сега би се спровеле избори по електронски пат, никој не може да гарантира дека токму тој е гласачот што се претставува со електронскиот идентитет. Во овој момент во ДИК немаат решение како би го заштитиле електронски гласачкото право „еден човек – еден глас“.
Но сега во ДИК се „пилотира“ еден проект на автентификација на гласачот преку отпечаток од прстот. Доколку пилот-проектот биде успешно тестиран, тој би можел да се примени на 50 избирачки места веќе на претстојниот изборен процес.
– Со автентификацијата на отпечатокот од прстот треба да се надмине она навредливо прскање со спреј за заштита на правото на глас „еден човек – еден глас“. Автентификацијата ќе се одвива во процедура: читање на документот, верификација на податоците и проверка на отпечатокот. За овој изборен процес тоа можеме да го примениме на 50 гласачки места, додека веќе за наредниот изборен процес државата нѐ задолжи како ДИК, тоа да се спроведе на сите избирачки места – вели Оливер Дерковски.
Во однос на идејата за спроведување електронски избори со краток временски период за подготовки, познавачи со долгогодишно искуство во мониторирање избори велат дека не е најсреќно решение да се тргне во експеримент со електронско спроведување избори само по една нафрлена идеја, особено под временски и политички притисок. Пред сѐ, затоа што опцијата електронски избори претставува широк дијапазон на модалитети: од електронско гласање на избирачко место (како во САД, наместо со заокружување на лист-хартија, гласање на електронска листа, со допир), преку гласање од далечина со криптиран имејл, но и гласање на далечни локации со мобилен уред..
Постојат и искуства, како во Естонија, каде што е спроведен систем на избори во кој гласачите можат да одлучат дали да гласаат од дома (преку електронска пошта), или да излезат на гласачко место… Гласањето преку електронска пошта повеќе се применува за гласање на дијаспората, но со оглед на другите предизвици од политичка природа со гласањето на дијаспората во Македонија, познавачите сметаат дека ваквиот начин, наместо олеснување, дополнително би ги закомплицирало работите. Познавачите наведуваат дека електронските избори се широк поим, во кој не треба да се влетува неподготвено, без план и стручно разгледување.