Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска одржа работен состанок со претставници од Занаетчиската комора.
Бектеши ги информираше занаетчиите дека во моментов Владата подготвува трет пакет мерки за поддршка на економијата каде што ќе бидат предвидени мерки за поддршка и на занаетчиите.
– Комората на занаетчии денеска ги достави своите барања, што ние како Влада и како Министерство за економија, во наредниот период ќе работиме за да ги исполниме се со цел да го олесниме работењето на занаетчиството во нашата држава како еден многу важен сектор. Министерството за економија во континуитет го поддржува занаетчиството, а тоа го покажуваме и со начионот на водење на политиките и спроведување на мерките кои беа предвидени оваа година. Во Министерството за економија оваа година не беа скратени средствата за поддршка на занаетчиството од Програмата за конкурентност и иновации и претприемништво, што значи дека се реализирани мерките за поддршка на занаетчиите – истакна министерот Бектеши по состанокот.
Министерот потенцираше дека врз основа на поднесените барања има основа дел од нив да се реализираат во Третиот пакет економски мерки кои Владата ќе ги објави во наредниот период откако ќе се разгледаат ставовите и мислењата од сите засегнати страни.
Претседателот на Занаетчиската комора, Агрон Фазлији, истакна дека на средбата на министерот му ги презентирале во каква состојба е занаетчиството и во која насока е потребна поддршка за овој сектор.
– Занаетчиството е во тешка состојба, ги кажавме нашите забелешки, мислења и барања што треба да се исполнат и од страна на министерот беа прифатени , односно имавме ветување дека ќе бидат разгледани се со цел да им помогнеме на занаетчиите да ги задржат своите дуќани отворени, и своите вработени, така оваа криза ќе помине со што помалку последици“ истакна Фазлији и додаде дека нивните барања се во насока да можат занаетчиите да опстојат во овој период на криза.
Занаетчиската комора има околу 8.000 регистрирани членови и ја сочинуваат 14 Регионални занаетчиски комори.