Ова е првпат во 39-годишното постоење на Колонијата да не присуствуваат дечињата, но тие постојано ми се јавуваат од целиот свет и ми посакуваат добро здравје со искрени желби да се видиме во мај идната година на 40-от Монмартр, вели идејниот творец на манифестацијата Коста Хаџи Антоновски
Поради пандемијата на коронавирусот
Кога пред 39 години, поточно на 23 мај, во далечната 1989 година, требаше да тргне возот на Југословенските железници од Љубљана за Битола, малкумина веруваа дека на ликовната колонија, која ја организира детското ликовно студио „Кирил и Методиј“, ќе пристигнат деца од сите југословенски републики и покраини. Единствен што беше убеден во реализацијата на овој голем проект беше идејниот творец и основач на детското ликовно студио „Кирил и Методиј“, ликовниот педагог Коста Хаџи Антоновски.
И навистина, во попладневните часови на овој ден, кој се запиша во историјата на оваа реномирана меѓународна манифестација, на Железничката станица во Битола се симнаа над стотина деца од: Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора… Тие, заедно со нивните наставници и со претседателот на стручното жири, Богомил Карлаварис од Риека, Хрватска, не се исплашија од трубите на војната, кои го најавуваа крвавиот расплет на случувањата во поранешната држава и со голем оптимизам допатуваа во Битола.
Чичко Коста сите деца ги сака како свои
Сите нив како и многупати потоа, на железничката станица ги пречека нивниот учител, чичко Коста, кој сите деца од Југославија ги сакаше како свои.
Тогаш никој не беше посреќен од него, бидејќи неговите прогнози се остварија. Но тоа беше последната југословенска ликовна колонија што се одржа во Битола. Иако тогаш многумина му предвидуваа крај на „Малиот битолски Монмартр“, по прогласувањето на независноста на Македонија, манифестацијата не само што ги надмина македонските и југословенските простори туку стана светски позната.
Но деновиве Коста Хаџи Антоновски е тажен поради тоа што на 23 мај, во предвечерјето на празникот на македонските просветители Кирил и Методиј, во Старата битолска чаршија нема да се слушне џагорот на младите ликовни таленти од целиот свет. Овој пат пандемијата на коронавирусот го направи своето.
Бидејќи досега беа откажани и одложени голем број културни и светски спортски настани, а најголемиот дел од населението во светот се наоѓа во домашна изолација, речиси сите учесници на Колонијата одлучија да останат дома и да не допатуваат во Битола.
Но како што најави Коста Хаџи Антоновски, Колонијата сепак ќе се одржи. На 23 мај, во Старата битолска чаршија повторно ќе полетаат илјадници балони, кои ќе ја пренесат пораката за мир, љубов и разбирање, а „Малиот битолски Монмартр 2020“ ќе биде свечено отворен со звуците на групата „Боеми“ и со голем огномет.
Од сите предвидени ликовни настани вечерта свечено ќе биде отворена само Светската ликовна изложба, на која ќе бидат презентирани најдобрите ликовни творби на децата од целиот свет, а голем број од нив требаше да пристигнат во Битола.
– Искрен да бидам тешко ми е, чувствата ми се измешани. Не сум ни помислувал дека може да се случи ова. Ова е првпат на Колонијата да не присуствуваат дечињата. Но што да се прави, нѐ снајде нешто што досега човештвото не го памети. Мораме да се соочиме со реалноста и со вистината, а тоа е дека годинава Колонијата ќе се одржи, но без децата од светот. Моето разочарување го делат и сите млади таленти што требаше да учествуваат на Колонијата, нивните ликовни педагози, родители, од кои некои по неколкупати биле во Битола и кои постојано ми се јавуваат – вели Коста Хаџи Антоновски.
Тој се надева дека в година, на 40-годишнината на „Малиот битолски Монмартр“, кога тој ќе го прослави и својот 85 роденден, ќе дојдат не само децата што требаше годинава да учествуваат на Колонијата туку и голем број други момчиња и девојчиња.
– Оваа манифестација ја направивме за дечињата и за младите ликовни таленти не само од Битола и од Македонија туку и од светот и тие, со својата континуирана активност и секако со своите дела, сите овие години го одржуваат континуитетот на манифестацијата. Без нивната љубов и желба да учествуваат таа немаше да опстане во изминатите 39 години – посочи Хаџи Антоновски.
Него, според неговата ќерка Елена Хаџи Антоновска, духовната енергија, која е посилна од неговата физичка сила, го храни со оптимизам и со позитивна енергија. Тој вложи многу во одржувањето на „Малиот битолски Монмартр“.
Во постојан контакт со учесниците
Омилениот чичко Коста поради здравствени причини веќе четири месеци лежи в постела, но и покрај тоа, тој постојано се слуша со дечињата. Повеќето од нив, кои веќе биде дел од „Малиот битолски Монмартр“, како и нивните ликовни педагози и учители, па и родители, му се јавуваат и изразуваат вистинско жалење што поради пандемијата на коронавирусот годинава нема да дојдат во Македонија. А многумина од нив имале резервирано и платено дури и авионски карти.
Организаторите, детското ликовно студио „Кирил и Методиј“, велат дека сѐ е подготвено за одржување на Колонијата. Изработени се комплетниот ликовен материјал, плакетите и дипломите, но сите тие наместо лично да им бидат врачени на добитниците ќе им бидат пратени по пошта.
Засега единствено се планира највисокото признание на Колонијата, наградата гран при што ја доби ученичката Марија Дима од Букурешт, Романија, да му биде предадена на амбасадорот на Романија во нашата земја.
Колонијата на 23 мај вечерта, свечено ќе биде отворена во Старата битолска чаршија, во согласност со препораките на здравствените работници и со почитување на сите безбедносни препораки.
Вечерта ќе биде отворена Светската ликовна изложба, на која ќе бидат прикажани делата на најдобрите млади ликовни уметници.
– Иако ваквото отворање тешко ми паѓа, сепак сум среќен што постојано ми се јавуваат децата од целиот свет и ми посакуваат добро здравје со искрени желби да се видиме во мај идната година. Колонијата „Мал битолски Монмартр“ е како нивниот ангел Тоше и има само ден на раѓање и ќе трае додека има деца на овој свет. Среќен сум што мојата ќерка Елена Хаџи Антоновска целосно ги презеде работите во свои раце и засега успешно се носи со проблемите и предизвиците што ги носи организацијата на Колонијата – вели Коста Хаџи Антоновски.
Инаку годинава на Колонијата требаше да учествуваат над стотина млади ликовни таленти од 15 земји во светот, меѓу кои: Македонија, Србија, Хрватска, Русија, Тајланд, Полска, Молдавија, Кина,Романија, Малезија…
„Малиот битолски Монмартр“ идната година ќе го прослави својот 40-ти јубилеј.