Бидејќи епидемијата на коронавирус во Кина е под контрола, многу туристички места повторно беа отворени и привлекоа голем број туристи за време на петдневниот одмор по повод 1 Мај, така што во првите четири дена од празникот биле забележани 104 милиони домашни патувања.
Само на 1 мај, приходите од туризам изнесувале 43,2 милијарди јуани, односно над 6 милијарди американски долари, наведува Министерството за култура и туризам, јави кинеското радио „Интернешнл“.
Ова зголемување е забележано како резултат на намалувањето на ограничувањата во туризмот, со оглед дека бројот на заболени со коронавирус во Кина значително опадна.
Во првите три дена од празникот, 124 туристички атракции во Пекинг примиле 1,89 милиони туристи, што е за 58,5 отсто повеќе од тридневниот празник Кингминг на почетокот на април.
Во Шангај, 130 најголеми туристички атракции примиле повеќе од еден милион туристи за време на првите два дена од петдневниот одмор.