На 30 Април, на Меѓународниот ден на џезот, ЗЏМ заедно со Град Скопје и
МКЦ, ќе ја слават џез-музиката!

Со оглед на пандемичната ситуација во која се наоѓаме, оваа година Денот на џез-музиката ќе биде одбележан на малку поинаков начин. Здружението на џез-музичари ќе приреди концерт кој ќе биде прикажен на својата фејсбук-страница преку онлајн видео-стриминг. Стримингот ќе се одвива и на фејсбук-страницата на Град Скопје, како и на фејсбук-страницата на Младинскиот културен центар.

В четврток, во текот на целиот ден, ќе имаме можност да проследиме неколку концерти на врвни македонски музичари и групи: соло настап на Антоние Весковски, концерти на „Кабадајас“ и на „Зулу 3.4“, концерт на групата „Светлост“, како и на бендот на Михаил Парушев и на групата „3ject“.

Секако, ќе имаме можност да слушнеме и настап на ЗЏМ Колектив – комбо ансамбл составен од изведувачи кои се членови на Здружението на џез-музичари и кои и се веќе добро познати на македонската џез-публика. На труба ќе го чуеме Трајче Велков, алт саксофон – Кирил Кузманов, пијано – Гордан Спасовски, тапани – Гоце Стевковски и бас – Дарко Мучев. Како специјални гости на овој концерт ќе се појават Џијан Емин на пијано и Ѓорѓи Шарески на гитара. Ќе биде изведена оригинална музика од членовите на
ансамблот.

Перкусионистот Антоние Весковски со својот проект насловен „AVP Project“, со песни од неговиот албум „Wonderland“ кој набрзо треба да го види светлото на денот. Неговиот сет се состои од повеќе инструменти на кои свири – маримба, вибрафон, клавијатури, бас, гитара и перкусии.

„Кабадајас“ се: Дејан Милосављевиќ на тапани, Зоран Костадиновски на гитара и Ѓоко Максимовски на бас, кои ќе изведат композиции од нивните два студиски албуми, како и нов материјал кој е во подготовка за снимање, додека на концертна изведба на „Зулу 3.4.“ ќе слушнеме композиции од нивните два студиски албуми „FM to AM“ и „Expandability“.